политика

Заев - Борисов: Нашите предизвици ги решаваме без посредник

Бугарската делегација предводена од премиерот Бојко Борисов беше примена со високи државни почести пред Владата на Северна Македонија, каде што се интонираа и химните на двете држави

Abdula Berisha  | 01.08.2019 - Обновена : 02.08.2019
Заев - Борисов: Нашите предизвици ги решаваме без посредник Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - На двегодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, бугарскиот премиер престојува во посета во Скопје, каде што беше примен од премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).

Бугарската делегација предводена од премиерот Бојко Борисов беше примена со високи државни почести пред Владата на Северна Македонија, каде што се интонираа и химните на двете држави. По средбата на двете делегации се оддржа заедничка прес-конференција на која двајцата премиери зборуваа за односите меѓу двете држави.

Тие се осврнаа на Договорот потпишан пред две години, за којшто рекоа дека ги отвори евроатлантските перспективи на Северна Македонија и дека е добар пример за тоа како да се градат добрососедски односи меѓу две земји.

Премиерот Заев рече дека Европа го препознала заемниот ентузијазам на двете земји, со што, како што рече, „на Балканот му дадовме навистина нов лик“. Тој додаде дека по потпишувањето на Договорот дошло до засилена соработка во сите сфери, како што се трговијата, инфраструктурата, културата, здравството и друго.

„Поттикнати од минатото и предизвикани од иднината, ние, Северна Македонија и Бугарија, секој ден им покажуваме и на Балканот и на Европа и светот дека нашите предизвици можеме да ги решаваме преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници. Постигнавме согласност и веќе заеднички чествуваме личности и настани од заедничката историја на нашите земји и народи“, рече Заев.

Премиерот на Северна Македонија рече дека се надева дека во наредните месеци ќе се најде заеднички јазик за историската личност Гоце Делчев, за кого рече дека е херој што ги обединува двата народа.

Премиерот Борисов рече дека во рок од две години од потпишувањето на Договорот меѓу двете земји се оствариле работи што претходно биле незамисливи.

„Мораме да работиме секој ден, времето е кратко за да завршиме со овие таканаречени конфликтни теми за сите херои за кои дискутираме. Тие ги дале своите животи, тие се жртвувале за да можеме да бидеме тука заедно“. рече Борисов.

Според Договорот за добрососедство, формирана е Заедничка експертска комисија која треба да постигне согласност за текстовите од историјата кои се однесуваат на заеднички историски настани и личности.

Премиерот Борисов беше категоричен дека комисијата треба да постигне договор до октомври, нагласувајќи дека не ја смета како опција пречката од страна на Бугарија за добивање датум за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

Тој се извини за неговата претходна изјава и рече дека згрешил кога го употребил терминот „Северномакедонци“ наместо „граѓани на Северна Македонија“.

За време на неговата посета на Скопје, бугарскиот премиер ќе се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, а подоцна ќе го посети и градот Дојран, каде што заедно со премиерот Заев ќе положи цвеќе пред споменикот на полковникот Константин Каварналиев.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın