политика

Аналитичари: Косово оди на вонредни избори, Тачи го продолжува дијалогот со Вучиќ

Според мислењата на аналитичарите, дијалогот со Србија ќе го продолжи претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој со српскиот колега Александар Вучиќ до декември ќе потпише договор за нормализација на односите меѓу двете земји

Zülfiya Yakup  | 23.07.2019 - Обновена : 25.07.2019
Аналитичари: Косово оди на вонредни избори, Тачи го продолжува дијалогот со Вучиќ

ПРИШТИНА (АА) - Политичките аналитичари оценуват дека во Косово веќе во септември ќе има избори, откако премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, поднесе неотповиклива оставка, поради повикот на разговор од страна на Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, во својство на осомничен.

Според мислењата на аналитичарите, дијалогот со Србија ќе го продолжи претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој со српскиот колега Александар Вучиќ до декември ќе потпише договор за нормализација на односите меѓу двете земји.

Поднесувајќи ја оставката, Харадинај, кој е и лидер на Алијансата за иднина на Косово (AAK), наведе дека оваа недела ќе биде интервјуиран од страна на Специјалниот суд во Хаг. Истовремено од претседателот на Косово побара да одреди датум за одржување на вонредни избори.

Алијансата на Харадинај на минатите избори беше во предизборната коалиција ПАН, со Демократската партија на Косово (PDK) на Кадри Весели и Иницијативата на Социјалдемократите (Nisma) на Фатмир Лимај. На ПАН по изборите му се придружи Алијансата на ново Косово на Беџет Пацоли, а доби и поддршка од малцинските пратеници.

Политикологот Фисник Халими во изјава за АА истакнува дека пред Косово, по оставката на Харадинај, е можно само едно сценарио, а тоа се вонредни избори.

„Претседателот Тачи е должен да го повика поголемиот коалициски партнер за да му даде можност да формира Влада, но тоа не е реално од една причина, бидејќи денес повеќе од 80 албански пратеници во Собранието на Косово се за опцијата заминување на избори. Доколку Тачи се обиде да не ја однесе земјата на избори, тогаш тие пратеници ќе свикаат седница на Собранието и ќе го распуштат сами Собранието, како што се случи во минатото. Затоа, велиме дека не постои можност да нема вонредни избори“, рече Халими.

И политикологот Рамуш Тахири за АА наведува дека Косово го очекуваат вонредни парламентарни избори, и тоа во септември. Тахири додава дека не постои можност коалицијата ПАН да предложи нов кандидат за премиер, бидејќи нема 61 глас во Собранието на Косово и поради тоа што Српската листа веќе повеќе од една година не ги поддржува. Тој вели дека Косово мора да оди на вонредни парламентарни избори не порано од 30 и не подоцна од 45 дена, од денот на предавањето на оставката од премиерот на претседателот Тачи.

„Овој пат ниту една партија не покажува подготвеност да формира коалиција со Демократската партија на Косово, што значи дека големите партии ќе одат на избори самостојно. Сепак, најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, има внатрешнопартиски избори, што може да доведе до кавга околу изборот на лидер на партијата. Можно е изборите во таа партија да бидат прекинати, за единствено да се оди на избори“, изјави Тахири.

Неговиот колега Халими смета дека резултатот од вонредните избори ќе биде многу тесен и дека е невозможно да се предвиди победник, иако фаворитите се познати.

„Имаме три големи политички партии, кои претендираат да победат, а јас не предвидувам широки коалиции, како во случајот со ПАН. Верувам дека ќе се врати традиционалното креирање коалиции во Косово, што значи големи партии со мали партии кои не можат да го поминат изборниот праг. Кој ќе формира нова Влада е невозможно да се предвиди бидејќи макијавелизмот веќе некое време сочинува една политичка вредност во земјата“, заклучува Халими.

Според зборовите на политикологот Халими, оставката на Харадинај ги упростила работите во поглед на дијалогот, бидејќи сега претседателите Тачи и Вучиќ го имаат целиот потребен простор да ги завршат преговорите, што ги водат веќе 14 месеци.

„Според мое мислење, брзо ќе се постигне договор меѓу двата претседатели, со потребните гаранции од САД, ЕУ и Русија, а првата задача на идното Собрание ќе биде ратификацијата на тој договор“, вели Халими.

Политичкиот дијалог, според оценката на Тахири, ќе го продолжат Тачи и Вучиќ.

„Политичкиот дијалог секогаш се води на ниво на двајца претседатели и двајцата претседатели имаат целосни овластувања бидејќи ја претставуваат земјата внатре и надвор и имаат право да потпишат меѓународен и меѓудржавен договор. Значи, договорот за нормализирање на односите ќе се постигне во текот на оваа година, се очекува да биде во текот на оваа година“, вели Тахири.

Тој истакнува дека американскиот претседател, Доналд Трамп, почнува изборна кампања во својата земја од февруари следната година и дека е посветен на постигнување договор меѓу лидерите на Србија и Косово и дека се очекува во Вашингтон во декември договорот да биде свечено потпишан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın