Aleksandar Savanovic
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
НОВИ САД (АА) - Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, денес изјави дека го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Шпанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа при посетата на Нови Сад беше запрашана да го прокоментира заминувањето на претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина (LSV), Ненад Чанак, во Барселона, на денот на референдумот во Каталонија, при што Брнабиќ изјави дека секој има право да патува каде што сака и да прави што сака.
„Како претседателка на Владата на Србија, морам да кажам дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Шпанија. Шпанија е огромен пријател на Србија и беше со нас во моментите кога беше многу, многу тешко. Ја почитува Србија, ги почитува нашите ставови и јас би сакала и ние да ги почитуваме нашите пријатели“, изјави Брнабиќ.
Претседателот на ЛСВ, Ненад Чанак, ја посети Барселона каде што регионалните власти на Каталонија во неделата организираа референдум за отцепување на Каталонија од Шпанија, а на поголемиот дел од партиските простории на ЛСВ во Војводина во саботата навечер и во неделата беа истакнати каталонските знамиња.
Претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина изјави дека тоа е сторено во знак на солидарност со граѓаните чие право на референдумот е оспорено од страна на централната власт во Мадрид.