Andjelija Stojkovic
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денес за време на разговорот со амбасадорот на Турција, Танжу Билгич, истакна дека претстојната посета на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, е клучна за подобрување на билатералните и економските односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Билгич истакна дека со премиерката разговарале за билатералната соработка меѓу двете земји, економските и политичките односи.
„Покрај тоа, разменивме мислења и за подготовките за историската посета на нашиот претседател во Србија следната недела. Премиерката Брнабиќ рече дека тие посветуваат големо внимание на оваа посета и дека се подготвени да направат сѐ за посетата да биде успешна“, рече Билгич за Anadolu Agency.
Тој додаде дека со премиерката било разговарано за турските инвестиции во Србија, за развојот на туризмот и за соработката во областа на технологијата, информатичката технологија и дигитална технологија.
Како што се наведува во соопштението на претседателката на Владата на Србија, темите на разговорот биле инфраструктурните проекти за коишто е заинтересирана турската страна, како што сe аеродромот во Краљево, автопатот Тутин - Нови Пазар - Сеница и автопатот Белград - Сараево.
Како што е наведено, амбасадорот истакнал дека за економската соработка се важни и средбите на бизнисмените од Србија и Турција, кој ќе се одржат за време на посетата.
Тој нагласил дека многу турски компании веќе работат во Србија и дека целта е двојно да се зголеми бројот на турски инвеститори следната година.
Соговорниците оценија дека за развојот на понатамошните економски односи е значаен и Договорот за слободна трговија, кој ќе биде потпишан за време на посетата на турската делегација.