Ekipa
23 Октомври 2017•Ажурирај: 23 Октомври 2017
САРАЕВО (АА) - Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Исмаил Кахраман, при денешниот разговор заклучија дека билатералната соработка меѓу Србија и Турција е во подем и оти постојат добри услови за унапредување на економските врски на двете земји, особено по успешната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија, пренесува Anadolu Agency (АА).
Брнабиќ нагласи дека за Србија се особено важни договорите меѓу Србија и Турција во областа земјоделство и трговија, и оти Владата на Србија ќе настојува да обезбеди уште поповолна клима за идните турски вложувања во Србија, се соопштува од Владата на Србија.
За унапредувањето на односите на билатерално ниво, од големо значење е потпишаниот договор за соработка на двата парламента, истакна турската страна, која ќе ја олесни соработката на полињата култура, економија и безбедност.
Кахраман изјави дека во последните неколку години, во српската економија се направени значителни чекори благодарение на реформите на Владата на Србија, што е поттик за сите турски компании што сакаат да работат во Србија.
Како што се вели во соопштението, на состанокот е заклучено дека двете земји ќе работат на зачувување на заедничкото културно наследство, преку рестарвација на споменици на културата во Белград, Голубац и во Нови Пазар, а за тоа неодамна, за време на посетата на Ердоган, беше потпишан протокол. Кажано е дека задача на двете држави е тоа наследство да се сочува и да се пренесе на идните генерации.