Bojana Stojanovic
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
БЕЛГРАД (АА) - Србија нема време за губење и им ветувам на сите граѓани дека секојдневно ќе давам сè од себе својата работа да ја завршам најдобро што можам, изјави новата премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
По положувањето заклетва во Собранието на Србија, Брнабиќ му се заблагодари на целиот тим во Владата на Србија за прифаќањето на поканата за заедничкото работење.
„Со овие луѓе веќе работев и очекувам веднаш да почнеме со работа, со полна брзина. Србија нема време за губење и уште еднаш им ветувам на граѓаните дека ние ќе дадеме сè од себе“, рече Брнабиќ во своето прво обраќање на јавноста од функцијата премиер.
Мандатот на новата, петнаесетта Влада на Србија на чело со премиерката Ана Брнабиќ започна вечерва со положувањето на заклетва во Собранието на Србија.
На деветтата специјална седница, освен народните пратеници присуствуваа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претставници на дипломатскиот кор, градоначалникот на Белград, Синиша Мали, претставници од Војската на Србија, од полицијата, независните тела и од верските заедници.
Новата влада има четири потпретседатели кои ја извршуваат и должноста на министри. Вкупно има 18 ресори и тројца министри без ресор.