Edıta Zekjırovıc
18 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
СКОПЈЕ (АА) – Владината делегација, предводена од новоизбраниот претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со официјална церемонија ја пречека делегацијата од Република Бугарија, предводена од претседателот на Владата, Кирил Петков, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова е прва официјална посета чиј домаќин е новоизбраниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, откако вчера официјално ја презеде функцијата и Кабинетот од претходниот премиер Зоран Заев.
Свечениот пречек се одржа пред Владата на Северна Македонија во присуство на почесната гарда на Армијата на Северна Македонија и Воениот оркестар, кој ги интонираше химните на двете држави.
Во рамките на посетата, премиерите Ковачевски и Петков ќе одржат заедничка прес-конференција, а подоцна и официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес“.
Северна Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедски односи, но сè уште останува нерешен спорот околу заедничката историја. Бугарија не ја одобрува преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија затоа што не ги одразува бугарските барања за македонскиот јазик и македонското малцинство.
Потсетуваме, во 2020 година во месец март, земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување на Северна Македонија и Албанија.
Коалициската Влада на поранешниот премиер Бојко Борисов, на Европската Унија ѝ приложи документ во кој наведе услови кои Владата на Северна Македонија треба да ги исполни. Подоцна, односно во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на преговорите за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).