Edıta Zekjırovıc, Abdula Berisha
18 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, кој престојува во официјална посета на земјава, одржаа заедничка прес-конференција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Петков беше пречекан од новиот премиер Димитар Ковачевски, кој вчера официјално ги презеде функцијата и Кабинетот од досегашниот премиер, Зоран Заев.
Истакнувајќи дека во двете земји има нови влади, Ковачевски најави поинтензивна динамика за решавање на отворените прашања.
Тој исто така рече дека денешната посета коинцидира со 30-годишнината од признавањето на земјата од Република Бугарија под уставното име, додавајќи дека Бугарија е прва која ја признала земјата и направила пријателски чин во исклучително сложени политички услови.
„Денеска со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите нации“, рече Ковачевски.
Претседателот на Владата на Бугарија, Петков, истакна дека заедничките влади ставаат акцент на работите кои даваат можност за збогатување на заедничките односи и дека работните групи, што ќе се состануваат секоја недела, ќе стават акцент на специфичните прашања што треба да се решат.
„Секоја недела отсега натаму, една од групите ќе се состанува со јасни цели и резултати, така што ќе можеме да им покажеме на нашите народи од двете страни дека добрососедството е веќе мерливо на ниво на реални резултати, на ниво на бизнис како и патување од Софија до Скопје за 20 минути“, изјави Петков.
Тој додаде дека во потпишаниот Договор за добрососедство има многу јасна дефиниција во однос на јазикот и тезата за јазикот.
Северна Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедски односи, но сè уште останува нерешен спорот околу заедничката историја. Бугарија не ја одобрува преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија затоа што не ги одразува бугарските барања за македонскиот јазик и македонското малцинство.
Потсетуваме, во 2020 година во месец март, земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување на Северна Македонија и Албанија.
Коалициската Влада на поранешниот премиер Бојко Борисов ѝ приложи на Европската Унија документ во кој ги наведе условите што Владата на Северна Македонија треба да ги исполни. Подоцна, односно во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на преговорите за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).