АНТАЛИЈА (АА) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ -
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека земјата добила статус на земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) во 2005 година, но дека сè уште чека почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Претседателот Пендаровски учествуваше на Дипломатскиот форум во Анталија, што се одржа од 18 до 20 јуни, а Агенција Анадолија (АА) беше глобален комуникациски партнер.
Во интервју за Агенција Анадолија, Пендаровски говореше за Дипломатскиот форум во Анталија, за патот на Северна Македонија кон ЕУ, за односите со Турција, како и за можноста за унапредување на соработката помеѓу двете земји.
Тој изрази задоволството што учествува на Дипломатскиот форум во Анталија, при што рече дека овој форум е „одлична идеја“.
Претседателот на Северна Македонија потенцираше дека за време на Дипломатскиот форум во Анталија ќе се научат многу лекции во процесот на бавно, но стабилно излегување од епидемијата на Ковид-19. Исто така, рече дека избрал да учествува на панел-дискусијата „Како можеме да ја зајакнеме регионалната солидарност во светло на научените лекции?“

Оценувајќи ги односите Турција - Северна Македонија, Пендаровски рече дека од осамостојувањето на Северна Македонија, политичарите од двете земји ја повторувале реченицата: „Имаме одлични, беспрекорни односи“.
„Оваа состојба продолжува на секое поле од нашите односи во економијата, политиката, вклучувајќи ги и културните промени и прашањата за дијаспората во двете земји. Имаме многу луѓе од Северна Македонија во Турција и од Турција во Северна Македонија“, нагласи Пендаровски.
- „Турција е еден од најважните инвеститори за Северна Македонија“ -
Во однос на економската соработка, Пендаровски рече дека соработката на ова поле е интензивирана во последните 10 до 12 години.
„Денес Турција е меѓу првите 10 инвеститори во земјата. Последните статистички податоци покажуваат дека Турција е на шестото место на листата на топ 10 инвеститори во Северна Македонија. Обемот на трговска размена меѓу нашите земји е рангиран помеѓу петтото и седмото место на топ 10 листата. Ова значи дека Турција е еден од најважните инвеститори за земјата.“
Нагласувајќи дека двете земји треба да го достигнат највисокото ниво во економската соработка, Пендаровски рече дека на средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија дал некои понуди со дополнителни можности за турските инвеститори да дојдат во Северна Македонија и да инвестираат.
Според Пендаровски, веќе одамна се преземени одредени чекори за продлабочување на соработката меѓу двете земји, при што наведе дека турските бизнисмени имаат еднакви шанси со сите инвеститори да учествуваат на меѓународните и локалните тендери во Северна Македонија и нејзиниот регион.
- „На хоризонтот се можностите за соработка во одбраната и безбедноста“ -
Во интервјуто, Пендаровски потсети дека Турција го поддржуваше процесот на членство на Северна Македонија во НАТО.
„Станавме кандидат за членство во НАТО во 1999 година и можеби оттогаш Турција е нашиот најсилен поддржувач. Откако донесовме тешки одлуки и тешки договори со соседите, конечно успеавме. Сега сме тука, официјално сме сојузници. Имавме добра соработка и порано, но сега како официјални сојузници, на хоризонтот има многу повеќе можности за билатерална соработка во областа на безбедноста и одбраната.“
Меѓу другото, Пендаровски додаде и дека пред Северна Македонија да стане членка на НАТО, војниците и офицерите се обучувани во турските воени академии.
„Но, сега имаме подобри шанси да набавиме различни видови воено оружје и опрема. Ова е важно во однос на нашите планови за БДП наменет за одбраната да го достигне прагот од 2 проценти“, рече Пендаровски.

- Патот на Северна Македонија и Турција кон ЕУ -
Пендаровски се осврна и на процесот на пристапување на Северна Македонија и Турција кон Европската Унија (ЕУ).
„За жал, европската приказна за обете земји не е успешна. Би сакал вината да не ја бараме кај друг, туку кај нас, но не можам да избегнам да ја зборуваме голата вистина. Нашите европски партнери и Брисел се одговорни за тоа.“
Наведувајќи дека Турција започнала преговори за полноправно членство во 2005 година, но дека сè уште нема значителен развој во врска со членството, Пендаровски истакна дека Северна Македонија чека на процесот на членство во ЕУ веќе 16 и пол години, од истата година.
„Сè уште чекаме да започнеме [преговори]. Не чекаме да влеземе во ЕУ, туку да започнеме преговори. Покрај нашиот долгогодишен спор со нашиот сосед Грција, блокадите на нашиот источен сосед Бугарија се исто така посебен проблем за нас“, рече Пендаровски.
Наведувајќи дека некои историски прашања постојано се ставаат на маса, што не се во традиција на европската интеграција, Пендаровски рече:
„Ние се обидуваме некако да ги надминеме пречките и да бидеме вклучени во преговарачкиот процес што е можно поскоро. Во овој процес може да ја изразуваме само нашата надеж. Нашата единствена надеж е колку порано го започнеме овој процес, толку ќе биде подобро да го завршиме целиот процес и конечно да станеме полноправна членка на оваа организација. Не само географски, цивилизациски, културно и економски, туку и на секое друго поле, како Северна Македонија и Турција, ние секако сме дел од овој проект наречен ‘обединета Европа‘.“
- Турската заедница во Северна Македонија -
Пендаровски рече дека односите со Турците во Северна Македонија се засноваат на високо ниво на соработка.
„Лично, јас сум во соработка со сите традиционални невладини организации, лидери и важни личности на турското општество на политичко поле и пошироко, уште пред да станам претседател“, рече Пендаровски.
Истакнувајќи дека таа соработка продолжува, Пендаровски нагласи дека работи на понатамошно интензивирање на соработката и нејзино проширување на Турците во Турција кои по потекло се од Северна Македонија.