Husamedin Gina
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, истакна дека е разочарана што Северна Македонија сè уште ги нема започнато преговорите со Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, актуелен претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која престојува во еднодневна посета на Република Северна Македонија.
На заедничката прес-конференција одржана по пленарната дискусија, шведската министерка ја истакна благодарноста до Владата на Северна Македонија за одличната соработка со мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа исто така додаде дека за време на шведското претседавање со ОБСЕ се концентрирале на заедничките заложби на сите 57 држави членки на ОБСЕ за одбрана на мирот во светот и за промовирање на единствен концепт на сеопфатна безбедност.
Одговарајќи на новинарско прашање за блокадата на Бугарија за преговорите на Северна Македонија со ЕУ, министерката Линде рече дека смета дека преговорите со Северна Македонија веќе требаше да бидат започнати во март 2020 година.
„Како претставник на шведската Влада јас сум разочарана што сè уште не се започнати преговори. Северна Македонија ги исполни потребните услови и преговорите веднаш треба да почнат“, нагласи Ан Линде.
Истакнувајќи дека Европската Унија (ЕУ) има обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски, Ан Линде додаде дека е потребен дијалог да се решат овие прашања и дека ги поттикнува сите дипломатски напори за решавање на ова прашање.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференцијата изјави дека е точно дека Бугарија не е спремна да даде зелено светло за преговарачката рамка и за одржувањето на меѓувладина конференција Северна Македонија - ЕУ во јуни.
„Но, истовремено, информациите се дека гласни се ставовите на 26 земји членки коишто сметаат дека тоа е сосема неоправдано, дека Република Северна Македонија одамна ги има исполнето условите и дека навистина е крајно време Европската Унија да ја даде пораката кон регионот, но посебно кон Северна Македонија, чие досие е станато тест за кредибилитетот на овој процес.“
Тој додаде дека сè уште постојат теоретски шанси да се предомисли Бугарија до Самитот на Советот на ЕУ на 24 и на 25 јуни, зашто единствен со полн политички легитимитет од бугарска страна е претседателот Румен Радев и дека од стратешки интерес за ЕУ, а со тоа и на Бугарија, е процесот за проширување на Унијата да продолжи.
Османи ја искористи посетата на министерката за надворешни работи на Кралството Шведска на Скопје за да врачи постхумно признание за Ана Линд, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ во 2001, по повод 30 години независност.
Министерката за надворешни работи на Шведска и актуелен претседавач со ОБСЕ, Ан Линде, во рамките на посетата на Северна Македонија денеска во Скопје ќе има средба и со премиерот Зоран Заев.
Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, а треба да се приклучи на претседавачката тројка од 1 јануари 2022 година, што е формат на соработка помеѓу сегашното, претходното и следното претседателство.