Edita Zecirovic
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека евроскептицизмот е во значаен пораст во регионот на Западен Балкан, како и дека „во наредните години ќе биде многу тешко со ваков евроскептицизам“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски го истакна ова на денешната панел-дискусија на тема „Триесет години независност и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија“, организирана од Центарот за европски истражувања и анализи „Еуропроспера“.
„Евроскептицизмот е во значаен пораст во регионот на Западниот Балкан, се разбира и кај нас. Она што е поразително, јас имав прилика да ги видам податоците на ЕУРОСТАТ за евроскептицизмот во самата Европска Унија. Единаесет од сите дваесет и седум земји членки на ЕУ имаат мнозинство граѓани кои се против проширувањето на ЕУ. Тоа се единаесет држави кои се најмоќни. Меѓу нив се Германија и Франција“, изјави Пендаровски.
- Пендаровски: „Турција може да биде значаен стабилизатор“ -
Меѓу другото, во обраќањето Пендаровски се осврна и на преговорите на Турција за влез во ЕУ. Според неговите убедувања, тоа е една од крупните стратешки грешки на Европската Унија.
„Турција може да биде значаен стабилизатор, заради својата геостратешка позиција, заради својата внатрешна структура, заради својата историја, сила. Турската економија е шеснаесетта во светот“, потенцираше Пендаровски.
Тој смета дека клучниот проблем на Европската Унија е тоа што тие практично за сè работи со консензус, доколку еден е против, независно од големината на таа држава, Европската Унија не може да донесе одлука, таа е закочена. Според него, без измена на тој принцип Европската Унија не може да биде битен глобален играч.
„Европската Унија и САД мора да ни помогнат во комплетното реформирање на општествата“, изјави претседателот.
Тој смета дека две работи ќе ја определат успешноста на државите во 21 век, особено во следната деценија: процесот на дигитализација и заштитата на човековата околина. И двата процеса, како што истакна, бараат многу финансии, ресурси и многу знаење и вештини, кои државата ги нема.
„Ако не добиеме поддршка од Европската Унија, ние ќе заостанеме уште повеќе од она што заостануваме во моментот“, заклучи Пендаровски.
Околу спорот со Бугарија, Пендаровски смета дека на Советот за општи работи на ЕУ нема никакви шанси во однос на решавањето на спорот.
„Сè што можеше од наша страна да биде понудено, како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија, беше понудено. Сè беше понудено. Се разбира не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека после јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“, подвлече Пендаровски.
Тој смета дека не може како политичари во 2021 година да разговараат за историски теми.
„Особено, не може историскиот критериум да биде критериум за влез во Европската Унија, која е направена 1957 година“, рече Пендаровски и нагласи: „Ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, таква ЕУ не ни треба.“
Како соговорници на денешната дискусија учествуваа и Илхан Рахман, заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Џелал Хоџиќ, заменик-директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), и Илија Џугуманов, генерален секретар на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.