Husamedin Gina,Abdula Berisha
23 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека големата визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем, а проблемот е самата Европска Унија (ЕУ), која не успеала да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер, Еди Рама, во рамките на Првиот економски форум во Скопје одржаа заедничка прес-конференција, на која се осврнаа на блокадата на Бугарија за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Зоран Заев, истакнувајќи дека одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување, рече дека тоа е огромен неуспех на политиката на ЕУ за проширување и лоша порака за целиот регион.
„Денес Европа има проблем, големата визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем. А проблемот е самата Европска Унија (ЕУ). Брисел ни порача дека Европската Унија не успеала да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е, тоа е проблемот“, нагласи Зоран Заев.
Наведувајќи дека Северна Македонија и Албанија нема да бидат сами, ниту ќе бидат изолирани, премиерот Заев рече дека македонскиот и албанскиот народ пред себе имаат ист пат, иста визија и исти вредности, а тоа се европските вредности.
„Ние сме Европа, без разлика дали Европската Унија ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади среде Балкан демонстрираат европски манири, забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас за граѓаните, услугите и стоките да ни се движат слободно“, додаде премиерот Заев.
Меѓу другото, премиерот Заев нагласи дека со Рама имаат порака за нашите граѓани, но пораката се однесува и за европските граѓани и политичари.
„Алармот е вклучен. Суштината и вредностите на Европската Унија се доведени во прашање. Европските вредности се заеднички за земјите од Европската Унија, но и за земјите кандидати за членство кои ги прифаќаат и ги развиваат“, подвлече Заев.
Премиерот Заев рече дека нема да се откаже и дека ќе оди повторно во Софија за да бара решение, дека во таа цел ќе успее и дека Северна Македонија и Албанија и Балканот се Европа.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека и покрај решенијата во Брисел, тие ќе продолжат со сите сили кон зголемување на економијата и благосостојбата, но и на гордоста и силата на достоинството на народите.
„Европската Унија може да постави задачи за интеграцијата, може да постави рокови за овие задачи, може да одреди датуми. Но, ЕУ не може да ја одреди ниту нашата локација во средината на Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту иднината на нашите народи како европски народи, во европското семејство, во европски земји, со европски политички, институционални, економски стандарди“, рече Рама.
Тој рече дека и ЕУ е со став дека Албанија и Северна Македонија го исполниле својот дел во однос на неопходните реформи.
„За мене не се случило ништо друго, освен што Европската Унија повторно потфрли да го исполни ветеното, да остане посветена и да го има потребниот став“, додаде тој.