Furkan Abdula
17 Јуни 2021•Ажурирај: 19 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи учесници во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во турскиот град Анталија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштнеието на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, на средбата соговорниците ги реафирмирале заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
Се истакнува дека со особено внимание биле разгледани перспективите за постигнување на исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија.
„На средбата беше истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји. Соговорниците заклучија дека проширувањето и продлабочувањето на билатералните односи меѓу двете земји е од заеднички интерес“, се наведува во соопштението.
„Ние сме целосно посветени и подготвени за унапредување на билатералните односи со Бугарија, за зголемување на соработката и надминување на сите предизвици. Бугарија го поддржуваше напредокот во интеграцијата на Северна Македонија во НАТО како и приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Членството на Северна Македонија во ЕУ е стратешки интерес на Република Северна Македонија и Република Бугарија и убедени сме дека двете држави и двете општества ќе изнајдат сили за да ги надминат предизвиците и недоразбирањата, врз основа на европските вредности и поттикнати од силната верба во заедничката иднина, како дел од семејството на европските демократски народи“, истакна министерот Османи, се вели во ова соопштение.
Според соопштеното, Османи, денеска, веднаш по завршување на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ПСЈИЕ, заминува директно за Софија на средби со бугарскиот државен врв, како дел од владината делегација на Северна Македонија.