Abdula Berisha
01 Септември 2022•Ажурирај: 02 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во Виена ја претстави приоритетната рамка на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ од 2023 година, пренесува Агенција Анадолија (AA).
По презентацијата одржана пред амбасадорите во рамките на Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот Османи преку видеоврска одржа прес-конференција на која истакна дека ова претставува финализирање на долгорочен и сложен процес на подготовки за следното претседателство, додавајќи дека овој процес се одвива на највисоко политичко, дипломатско и техничко ниво.
„Приоритетните цели на нашето претседателство се во согласност со принципите, вредностите и заложбите на организацијата. Нашата цел е да обезбедиме континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, да ги заштитиме основните постулати на организацијата кои во сегашната геополитичка околностите се во директно влијание со современите предизвици на безбедносните политики“, рече Османи.
Тој изјави дека безбедносната криза предизвикана од воената агресија на Русија против Украина претставува најтежок предизвик за функционалноста на ОБСЕ во суштински политички и административен аспект.
Според него, војната во Украина директно ги загрозува столбовите на кои се потпира ОБСЕ и нејзината улога. Османи додаде дека оваа војна ја уништи целата безбедносна архитектура и претходниот политички поредок кој обезбедуваше стабилност и просперитет над 70 години.
„Соочувањето со овој предизвик претставува централна точка преку која ќе продолжиме да ги моделираме приоритетите на организацијата“, рече Османи.
Шефот на дипломатијата на Северна Македонија изјави и дека меѓу приоритетите се замрзнатите конфликти и спречувањето на нивна ескалација.
Османи, исто така, истакна дека во рамките на претседателството, Северна Македонија ќе се вклучи во изградбата на стабилно и интегрирано општество, нудејќи го својот „автентичен модел на функционална мултиетничка демократија“.
Нагласи дека артикулацијата во духот на дијалогот и компромисот ќе биде дел од доктрината и парадигмата на Северна Македонија, како и автентичен придонес при раководењето со организацијата.
Северна Македонија ќе го преземе претседавањето во 2023 година од Полска, а согласно со утврдениот формат, оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.