Zuhal Demirci
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
ЛОНДОН (АА) - Лиз Трас, која е најсилниот кандидат за лидерство на владејачката Конзервативна партија во Велика Британија, на прашањето дали францускиот претседател Емануел Макрон е пријател или непријател на Велика Британија, одговори дека сѐ уште не е јасно, а тој одговор предизвика бурни реакции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трас во изборната кампања на нејзината партија, на прашањето дали Макрон е британски „пријател или непријател“, одговори дека сѐ уште не е јасно, и дека ако биде избрана за премиер, Макрон ќе го оценува „според неговите дела, а не според неговите зборови“.
Нејзиниот ривал Риши Сунак, поранешниот министер за финансии, одговарајќи на истото прашање, рече дека Макрон го смета за „пријател“.
Овој коментар на Трас, кандидатката за премиер, наиде на реакции и од опозицијата и од нејзината партија.
- Опозицијата критикуваше дека тоа е „навреда на Франција“
Пратеникот на главната опозициска Лабуристичка партија и министер за надворешни работи во сенка, Дејвид Лами, во однос на изјавата на Трас рече дека кандидатката за премиер „навредила еден од најблиските сојузници на Британија“.
Трас, покрај од опозицијата, се соочи со критики и од сопствената партија.
Алистар Барт, еден од поранешните министри, на својот профил на Твитер, истакнувајќи дека Tрас направила „сериозна грешка“, рече дека кандидатката за премиер треба да користи подипломатски тон.
Гавин Барвел, друг поранешен министер, рече: „Се прашуваме дали министерката за надворешни работи [Трас] знае дека сме во воен сојуз со Франција.“
Билатералните односи меѓу Велика Британија и Франција беа нарушени во последните години поради несогласувањата меѓу страните во врска со Брегзит, главно околу рибарството и нерегуларната миграција.