Ekip
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
АЛЖИР (АА) - Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне и неговиот француски колега Емануел Макрон се договорија да отворат нова страница во билатералните односи меѓу двете земји засновани на заемно почитување и интереси по речиси една година тензии, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот во палатата „Ел Мурадија“, Тебун одржа заедничка прес-конференција со Макрон, кој дојде во главниот град Алжир за да воспостави официјални контакти.
Тебун рече дека разговарал со Макрон за многу прашања за билатералната соработка и начините за развивање на односите меѓу двете земји на „конструктивен“ начин, надевајќи се на „охрабрувачки резултати“.
Нагласувајќи дека двете земји се договориле да отворат нова страница во односите, Макрон рече:
„Имаме сложена и болна заедничка историја. Тоа нѐ спречи да гледаме во иднината. Одлучивме да формираме заеднички комитет во кој ќе има заеднички историчари и кој ќе работи на архивите од колонијалната ера.“
Макрон во четвртокот пристигна во Алжир за првпат по пет години, јавуваат француските медиуми.
Телевизиската мрежа „Франс 24“ (France 24) соопшти дека посетата на Макрон ќе се фокусира на младите луѓе и иднината во северноафриканската земја и дека ќе се сретне со млади алжирски претприемачи пред да замине во северниот град Оран.
Макрон дојде во тридневна посета на Алжир придружуван од 90-члена делегација во која има министри, претставници на економијата и експерти од историјата на двете земји.
Иако разликите се вкоренети во нивното заедничко минато, тензиите достигнаа ново високо ниво минатата година откако Макрон контроверзно го доведе во прашање претколонијалниот идентитет и постоењето на Алжир, а Франција го намали бројот на визи достапни за алжирските граѓани.
Северноафриканската земја се стекна со независност од Франција во 1962 година по осумгодишна војна.