Abdula Berisha
01 Септември 2022•Ажурирај: 02 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, престојува во Белград каде што ќе се одржи и традиционалниот Лидерски политички самит на „Отворен Балкан“, иницијатива во која учествуваат и Србија и Албанија, пренесува Агенција Анадолија (АА)
На Лидерскиот самит ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Претходно, премиерот Ковачевски се обрати на официјалното отворање на меѓународниот саем на „Отворен Балкан“, кој, исто така, се одржува во Белград, под покровителство на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија.
Ковачевски истакна дека примарна цел на „Отворен Балкан“ е поттикнување економски развој на регионот.
„Тука денеска ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари за нив, нови пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата. „Отворен Балкан“ денес покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека на овој саем посетителите ќе можат да пробаат автентична, македонска кујна и ќе имаат можност да се запознаат со природните убавини на Северна Македонија.
Инаку, иницијативата „Отворен Балкан“ моментално покрива економска и политичка зона меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, и има за цел да ги зголеми можностите за трговија, движење на луѓе, стоки, услуги и капитал за околу 12 милиони луѓе, како и поттикнување на интеграцијата на трите земји во Европската Унија (ЕУ).