Ivana Ramadanova
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, денеска учествува на 23. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) што се одржува во германскиот град Хамбург, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од ресорното министерство, Поповски истакнал дека тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата и мигрантската криза претставуваат сериозни безбедносни предизвици со кои што се соочува регионот на ОБСЕ, додавајќи дека Македонија е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон напорите за сузбивање на тероризмот, како и на насилниот екстремизам и радикализацијата.
Во контекст на мигрантската криза, Попоски истакна дека преземањето на претседателството со ОБСЕ од страна на Австрија е значајно за Македонија поради фокусот врз менаџирањето на мигрантската криза.
„Свесни сте за напорите на Македонија во справувањето за кризата. Поради неизвесноста на овој предизвик уште еднаш ве повикувам на единство и соработка во справувањето со сите аспекти во менаџирањето на овој предизвик", истакна министерот Попоски на 23. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што се одржа во Хамбург, СР Германија.
Вицепремиерот оствари и бројни билатерални средби со негови колеги.