Almir Terzic
09 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
САРАЕВО (АА) - Во текот на наредната година, Европската Унија ќе спроведува мерки за следење на новата глобална стратегија на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, која е започната во јуни 2016 година, а со неа се обрзавме на поттикнување на почитување на човековите права во и надвор од ЕУ, изјави високата претставничка Федерика Могерини во име на ЕУ, по повод Денот на човековите права којшто се одбележува на 10 декември, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини нагласи дека тоа подразбира да се обезбеди највисоко ниво на заштита на човековите права за мигрантите и бегалците во сите активности што ЕУ ги презема во областите миграции и развој.
„Исто така ќе го оцениме и напредокот на нашиот амбициозен акциски план за човекови права и демократија за периодот од 2015 до 2019 година. Подеднакво одново ќе се обврземе на борбата против мачењето и злоупотребата, како и заштита на детските права, со преиспитување на насоките на ЕУ и понатамошно зајакнување на учинокот на нашите политики во таа област“, рече Могерини.
„Имено, Европската Унија и нејзините држави-членки на 10 декември го одбележуваат Денот на човековите права. Со оглед на тоа што нееднаквоста и кршењето на човековите права се сѐ поголем проблем во светот, а во земјите како Сирија судирите и понатаму траат, затоа е важно да ги удвоиме своите напори за да ги одбраниме правата на сите луѓе“, изјави Могерини.
„Затоа оваа година, заедно со ОН ги повикуваме луѓето да се заземат за нечии права. Секој од нас лично е одговорен да се заложи за тие права. Можеме да се водиме според примерот на бранителите на човековите права кои храбро се соочуваат со сѐ поголем притисок и закани во многу земји. Европската Унија е одлучна во тоа да ги заштити и остава простор за дејствување на граѓанското општество. За да се постигне таа цел, официјалните претставници на ЕУ се состануваат со бранителите на човековите права, ги следат нивните судења, ги посетуваат во притвор и во разговор со владите укажуваат на нивните случаи“, истакна Могерини.
Таа истакна дека во 2016 година, ЕУ меѓу другото преку Фондот за ЕИДХР за итни случаи обезбедила финансиска поддршка за повеќе од 250 бранители на човековите права и нивните семејства кои се изложени на ризик поради нивната секојдневна работа.
„Иако поединечната акција е од клучно значење, Европската Унија како целина ќе продолжи да игра водечка улога во промовирањето на еден светски поредок врз основа на еднакви права, со почитување на човековите права како темелна вредност. Специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Ставрос Ламбринидис, активно низ целиот свет ја подига свеста за политиките на ЕУ во областа на човековите права. Истовремено, делегациите на ЕУ неуморно работат на одбраната на човековите права во земјите-домаќини. Мултилатералните форуми на ЕУ и понатаму силно се посветени на човековите права, и ЕУ целосно го поддржува системот на ОН за човекови права, што е од суштинско значење за заштита и почитување на универзалните човекови права“, рече Могерини.
Европската Унија како што тоа го правеше и целата оваа година, ќе се заземе за човековите права низ светот и ќе даде поддршка за секој поединец кој го прави истото тоа.