Erbil Başay
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
БЕРЛИН (АА) – Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, рече дека за да продолжи политичкиот дијалог, не треба да има заемни обвинувања, јавува Anadolu Agency (AA).
На првата седница од 23. состанок на Советот на министри при ОБСЕ во Хамбург, Лавров во својот говор рече дека Европа и околината се во нестабилна состојба и нагласи дека темелите на безбедноста се подложени на ерозија.
Според Лавров, се поставуваат ултиматуми во заемните економски односи, постојат двојни стандарди и се вршат притисоци. Тој истакна дека треба да се избегнува вулгарната реторика.
„Ако сакаме политички дијалог, треба да ги оставиме заемните обвинувања“, рече Лавров и побара наместо поставување ултиматуми, да се преземат безбедносни мерки.
Тој истакна дека дијалогот треба да се води на еднакво ниво и наводните тврдења за тоа дека Русија е закана, според него се само легенда.
Лавров се осврна и на европската бегалска криза за којашто рече дека е резултат на мешањето на овие држави во внатрешните политики на Блискиот Исток и на Централна Африка.
Во врска со кризата во источна Украина, Лавров смета дека таа може да се реши со Договорот од Минск. Исто така рече дека страните во овој спор треба директно да стапат во дијалог во Украина.
Министерот за надворешни работи на Украина, Павел Климкин побара да се повлечат руските војници од Источна Украина и од Крим. Тој исто така, побара да се пуштат на слобода украинските затвореници во Русија и потврди дека навистина треба да се практикува Договорот од Минск.