Riyaz Khaliq Khaliq
16 Ноември 2026•Ажурирано: 16 Ноември 2026
Кина, САД и Русија имаат „важна одговорност“ за светскиот мир и стабилност, соопшти денес Пекинг, вo пресрет на историскиот трилатерален самит на лидерите на трите земји, што ќе се одржи оваа недела, јавува Анадолу.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг в четврток ќе биде домаќин на рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, на самитот во градот Шенжен.
„Ова ќе биде прва директна средба меѓу шефовите на држави на Кина, Русија и САД“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Трилатералниот самит ќе се одржи на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), на кој учествуваат 21 економија, а чиј домаќин оваа година е Кина.
„Тројцата претседатели ќе разменат мислења на темелна дискусија за зачувување на светскиот мир и унапредување на стратегиската стабилност во односите меѓу големите сили, што има историско значење“, изјави Мао за новинарите во Пекинг.
„Трите земји се основачки членки на ОН и постојани членки на Советот за безбедност“, рече таа, додавајќи: „Нашите три земји се бореа рамо до рамо за победа во светската антифашистичка војна“.
„Во актуелните околности, трите земји имаат важна одговорност за заедничко справување со глобалните предизвици и унапредување на светскиот мир и стабилност“, рече Мао.
„Зајакнувањето на комуникацијата, управувањето со разликите и одржувањето стабилни односи се во интерес на трите земји, одговараат на очекувањата на меѓународната заедница и ќе придонесат за поголема стабилност на меѓународната ситуација и за посилен дијалог и соработка“, додаде таа.