политика, Балкан

Муцунски - Калас: Остануваме целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ

„Нашата 100-процентна усогласеност не е само техничка обврска, туку и јасен одраз на нашата стратешка ориентација и споделени вредности“

Elena Trenchevska Chekovic  | 23.05.2025 - Обновена : 26.05.2025
Муцунски - Калас: Остануваме целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ Фото: МНР на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, се сретна со високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи, Каја Калас, која престојува во посета на земјава, пренесува Анадолу.

Состанокот во рамките на Првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Северна Македонија официјално е отворен од министерот Муцунски, кој во своето обраќање, како што соопшти Министерството, ја истакнал силната одлучност и посветеност на државата да биде доверлив партнер на ЕУ и НАТО во справувањето со безбедносните предизвици во сложеното геополитичко опкружување.

„Како држава, остануваме целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Нашата 100-процентна усогласеност не е само техничка обврска, туку и јасен одраз на нашата стратешка ориентација и споделени вредности“, истакна Муцунски и изрази поддршка за сите постојни напори за постигнување праведен и траен мир во Европа, споделувањето на заедничкиот товар преку продолжување на севкупната поддршка за Украина, и во воениот и одбранбениот аспект.

Разменети се и мислења за регионалните безбедносни прашања и војната во Украина, а нагласена е и важноста на регионалната стабилност и улогата на Северна Македонија, како НАТО членка и ЕУ-кандидат, во јакнењето на европската безбедносна архитектура.

На средбата, како што е соопштено, направен е пресек на активностите поврзани со учеството на државата во мисиите и операциите во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и на тековните активности за справување со кибер и хибридни закани, стратешка комуникација, борбата против дезинформациите и странските влијанија, како и учеството на жените во овие процеси.

Од македонска страна е изразен силен интерес за продлабочување на соработката со ЕУ во одбранбените иницијативи, вклучително и преку Европската агенција за одбрана (EDA), Постојаната структурална соработка (PESCO), воената мобилност и претстојната Бела книга за европска одбрана.

Нагласено е дека како земја членка на НАТО, државата е јасно позиционирана за зајакнување на соработката меѓу ЕУ и НАТО во актуелното безбедносно опкружување.

На отворањето, како што соопшти МНР, се обратиле и високата претставничка Калас и министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски.

Првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Северна Македонија и Европската Унија, според Министерството, означува почеток на редовни политички и експертски консултации, со што би се овозможило следење на спроведувањето на Партнерството и отворање нови можности за соработка во интерес на мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните.

Високата претставничка на Европската Унија, Калас, во Северна Македонија се сретна со државниот врв, а пред да допатува во земјава, ги посети Србија и Косово.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.