свет

ЕУ ги укина економските санкции за Сирија

„Советот усвои правни акти со кои се укинуваат сите економски рестриктивни мерки кон Сирија, со исклучок на оние што се базираат врз безбедносни основи“

İlayda Çakırtekin  | 28.05.2025 - Обновена : 30.05.2025
ЕУ ги укина економските санкции за Сирија

ИСТАНБУЛ (АА) – Европскиот совет денес ја објави одлуката за укинување на економските санкции за Сирија, со што се спроведе политичкиот договор постигнат на 20 мај, јавува Анадолу.

„Советот усвои правни акти со кои се укинуваат сите економски рестриктивни мерки кон Сирија, со исклучок на оние што се базираат врз безбедносни основи“, се наведува во соопштението.

Советот нагласи дека со оваа одлука се формализира политичката одлука од 20 мај и додаде дека цел е поддршка на сирискиот народ „во обидите да се обедини и да се изгради нова, инклузивна, плуралистичка и мирна Сирија“.

„Како дел од овој пристап, исто така, Советот отстрани 24 субјекти од листата на ЕУ на оние на кои им се замрзнати средствата и економските ресурси“, се додава во соопштението.

Сепак, Советот ги продолжи санкциите за физички и правни лица поврзани со поранешниот режим на Башар ал-Асад до 1 јуни 2026 година, врз основа на „повикот за одговорност и поддршката за мирен политички премин“.

Дополнително, Советот воведе нови санкции во рамките на Глобалниот режим на санкции за човекови права на ЕУ, санкционирајќи две лица и три субјекти за „тешки прекршувања на човековите права“.

„Советот ќе продолжи да ги следи случувањата на терен и подготвен е да воведе дополнителни рестриктивни мерки против прекршителите на човековите права и оние што ја поттикнуваат нестабилноста во Сирија“, се вели во соопштението.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ја поздрави одлуката, потврдувајќи ја „посветеноста“ на Унијата да им помогне на Сиријците повторно да се обединат и да изградат „нова, инклузивна и мирна Сирија“.

„Оваа одлука едноставно е вистинска работа што треба да се направи во овој историски момент за ЕУ навистина да ги поддржи обновата на Сирија и политичкиот премин што ги исполнува аспирациите на сите Сиријци“, рече Калас.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.