Aida Cako
28 Мај 2025•Ажурирај: 29 Мај 2025
ТЕЛ АВИВ (АА) – На 600. ден од почетокот на војната во Појасот Газа граѓани на Израел се собраа пред Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Тел Авив барајќи итен крај на конфликтот и враќање на 58 израелски заложници што сè уште се држат во енклавата, јавува Анадолу.
Демонстрантите изразија незадоволство од премиерот Бенјамин Нетанјаху и политиките на неговата Влада.
Според нив, израелските власти не преземаат доволно конкретни чекори за решавање на кризата.
Граѓаните пратија порака и до американската администрација, повикувајќи го претседателот Доналд Трамп да го искористи своето влијание и да изврши притисок врз израелското раководство за итен прекин на огнот и безбедно враќање на заробените лица.
Војната во Газа, која трае веќе 600 дена, досега резултираше со илјадници жртви и доведе до тешка хуманитарна криза. Меѓународната заедница сè погласно повикува на прекин на огнот и изнаоѓање трајно политичко решение.