Oktaj Omeragikj
02 Јуни 2025•Ажурирај: 03 Јуни 2025
СКОПЈЕ (АА) - Конститутивната седница на косовското Собрание денес по 25-ти пат повторно беше прекината, известува Анадолу.
Денес во Приштина се одржа седница за избор на претседател на Косовскиот парламент. На седницата парламентарните групи во косовското Собрание не го поддржаа формирањето на ад-хок Комисијата за тајно гласање за претседател на законодавниот дом, со тоа што не предложија свој член (пратеник) за оваа комисија, чие формирање е предложено од Движењето „Самоопределување“.
Кворумот за тајното гласање за претседател на Парламентот не беше постигнат ниту на денешната седница. Конститутивната седница на косовското Собрание денес започна со половина час задоцнување.
На почетокот на седницата, претседавачот со седницата, Авни Дехари, изјави дека има кворум за одржување на седницата. Тој ги повика Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Алијансата за иднината на Косово (АИК) и Српската листа да предложат членови кои ќе ја формираат Комисијата за следење на тајното гласање за избор на претседател на Собранието, но партиите не го сторија тоа ниту денес.
Потоа Дехари ги повика пратениците да гласаат за предлогот за тајно гласање за избор на претседател на Парламентот. 51 пратеник гласаа за предлогот, еден беше против, а немаше воздржани. Поради недостаток на кворум, денешниот обид за конституирање на Парламентот повторно беше одложен. Следната седница е закажана за 4 јуни (среда) во 10:30 часот.
Партијата на Албин Курти претходно објави дека нивниот кандидат за претседател на Собранието останува да биде Албуљена Хаџиу, за која ДПК, ДСК и АИК најавија дека нема да гласаат.
Првата конститутивна седница на Собранието на Косово се одржа на 15 април, кога за првпат беше прекината. Оттогаш, таа продолжува во законскиот рок на секои 48 часа.