Ekipa
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, во рамките на неговата дипломатска мисија за посета на Швајцарија и Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, средбата помеѓу двајцата официјални претставници, реализирана на софискиот аеродром, минала во исклучително пријателски тон, на која станало збор за билатералните односи, за внатрешно-политичките случувања во двете земји, како и за европските перспективи на Северна Македонија и целиот регион.
„Добрососедските односи се наш прв приоритет, и нашата искрена заложба е зајакнување на односите со Република Бугарија. Тоа е и наш државен интерес, за што остануваме цврсто посветени на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка како важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“, истакнал Османи.
Османи и Борисов се согласиле дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, и дека сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.