Admir Fazlagic
22 Март 2021•Ажурирај: 22 Март 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев е реизбран за претседател на партијата на денешните први внатрепартиски непосредни избори, соопшти Централната изборна комисија на СДСМ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Централната изборна комисија на СДСМ информираа дека денеска во период од 08 до 19 часот се гласало на 237 избирачки места во сите 80 општини во земјава.
„Согласно првичните резултати од 237 избирачки места пристигнаа резултати за 227 избирачки места и од досега пребројаните гласачки ливчиња за кандидатот Зоран Заев гласале 59.240 гласачи, 865 против и има вкупно 277 неважечки ливчиња. Согласно бројот, односно процентот на преброени гласови, имајќи ја предвид слободно изразената волја на членовите, на првите директни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ е избран Зоран Заев", се вели во соопштението од партијата.
Се додава дека од вкупно запишани во избирачкиот список 68.990 активно регистрирани членови на СДСМ, денес до 19.00 часот излезноста на првите непосредни внатрепартиски избори беше 90%.
Актуелниот претседател на партијата Заев, беше единствен кандидат за функцијата. СДСМ одлучи изборот да биде „за“ или „против“ Заев наместо заокружување на единствениот кандидат како единствена опција.
Во обраќањето до јавноста по денешните партиски избори, Заев се заблагодари на довербата и кажа дека следува нова политика.
„Ќе внесеме нова енергија, ќе ја продолжиме борбата против високата корупција. Следува реформа на кадровската политика“, рече Заев. Тој додаде дека во април ќе одбележат 30 години од постоењето на СДСМ, а во мај партијата ќе одржи и конгрес.
За претседател на СДСМ Заев беше избран во 2013 година. Во мај 2017 година на конгресот на СДСМ, Заев беше реизбран за претседател на партијата.
Тој е актуелен премиер на Република Северна Македонија, по изборите одржани во јули 2020 година. Ова е негов втор премиерски мандат, а првпат за премиер беше избран на први јуни 2017 година, по изборите одржани во декември 2016 година.