Husameddin Gina
09 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој денеска учествуваше на дискусијата на Форумот за граѓанско општество „Вклучување на граѓанското општество во Берлинскиот процес“ изјави дека очекува преку уставната дебата да се создаде благопријатна атмосфера за да се формира двотретинско мнозинство по природен пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев рече дека има доволно причини да верува во двотретинското мнозинство. Тој денеска не можеше со сигурност да каже дали во Парламентот постои двотретинско мнозинство за уставни измени, но истакна дека лично разговарал со пратениците.
„Најмногу разговарав со пратеници и видовме дека постои една убава прогресивна маса на пратеници, што секако е доволно сериозен мотив, причина да ги отвориме постапките кои вчера ги направи Bладата. Се надевам, веќе овие денови, Парламентот брзо ќе закаже уставна комисија за да може да се отвори дебатата“, изјави премиерот Заев.
„Морам да ги отстранам сите шпекулации кои висат на главите на многу пратеници, за некакви пари, за некакви незгодни состојби или слично“, рече премиерот.
Заев апелираше до сите да се носат со нивото на историската одговорност која е исправена пред нив.
„Апелирам до сите политички чинители, до сите учесници во процесот да се носат со нивото на историската одговорност што е исправена пред нас“, истакна Заев.
На дискусијата на Форумот за граѓанско општество премиерот Заев кажа дека Македонија нема „план Б“, ниту алтернатива. За предвремени парламентарни избори не сака да зборува, затоа, како што рече тој „Парламентот е вистинската опција“.
Владата вчера на вонредна седница одлучи да ги испрати уставните амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор во Собранието. Се работи за четири амандмани кои се однесуваат на придавката „северна“, на измени во преамбулата на Уставот, нови гаранции за границите, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство.
Потсетуваме, премиерот Заев, по завршувањето на референдумот најави дека во наредните десетина дена ќе се обидат да разговараат со пратениците во Собранието на Република Македонија, со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени, предвидени во Договорот за решавање на спорот за името со Грција.
За прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, во Македонија на 30 септември се одржа референдум на кој беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Излезноста на гласачите изнесуваше 36,91 отсто. Од гласачите што излегоа на гласање, 91,46 отсто го дадоа својот глас „за“, додека 5,65 отсто беа „против“.