Husameddin Gina
27 Септември 2018•Ажурирај: 29 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Турската „Лимак холдинг“ ќе гради мултифункционален деловно-станбен комплекс кај Старата железничка станица, веднаш до Музејот на град Скопје, тунел и двонасочна сообраќајница со шест ленти. Површината на вкупниот проект наречен „Лимак дајмонд“ (Limak Diamon) ќе се простира на 325.000 метри квадратни, а вредноста на инвестицијата изнесува 250 милиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната презентација на проектот учествуваа членот на Управниот одбор на „Лимак холдинг“, Сердар Баџаксиз, премиерот на Македонија, Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и Аднан Кахил, министер без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции.
Членот на Управниот одбор на „Лимак холдинг“, Сердар Баџаксиз, на денешната презентација на проектот истакна дека е особено возбуден од тоа што ја има честа да го најави долгоочекуваниот проект „Лимак дајмонд“.

„Проектот за нас е од особено значење, бидејќи е прв проект во Македонија во која се чувствуваме како дома“, рече Баџаксиз.
Осврнувајќи се на историјата на компанијата „Лимак холдинг“, Баџаксиз подвлече дека се лидери во сите области каде што дејствуваат на глобално ниво.
„Би потенцирал дека целиот комплекс ќе биде изграден со највисоките сеизмолошки и останати соодветни стандарди, додека Музејот на град Скопје ќе биде автентично интегриран во рамките на комплексот“, истакна Баџаксиз.
Премиерот Зоран Заев истакна дека има чест да присуствува на официјализирањето на, како што рече, импозантниот проект, „Лимак дајмонд“.
„Задоволството е уште поголемо, ако се знае дека инвеститор на овој, слободно можам да кажам, импозантен градежан зафат и објект е компанијата „Лимак холдинг“, која е стара колку што сум стар и јас, 43 години“, рече премиерот Заев.
Според премиерот Заев, светски реноминираната компанија ќе ги поттикне сите потенцијални инвеститори побргу да дојдат во Македонија.
„Влегувањето на „Лимак холдинг“ во портфолиото на странски инвеститори кај нас, како една од компаниите која ги спојува техничките вештини и долгогодишното искуство со општествена одговорност и деловната етика, бездруго ќе биде фактор што ќе ги поттикне сите потенцијални инвеститори да дојдат побргу во нашата земја“, нагласи премиерот Заев.
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев, истакна дека само може да се восхитува на вакво грандиозно дело.
„Инвестиција од 250 милиони евра која ќе се реализира за 40 месеци, колку што е планираниот период за реализација на проектот, претпоставува влијание од 5 милиони евра месечно на бруто-домашниот производ во Република Македонија“, рече Анѓушев.
Градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, истакна дека за првпат во Скопје почнува да се гради подземна сообраќајница, со 6 ленти со должина од 800 метри.
„Самиот комплекс ќе овозможи зголемување на посетеноста на ова ремек-дело на скопската архитектура (Старата железничка станица), кое ќе се вклопи во ремек-делото на модерната скопска архитектура („Лимак дајмонд“)“, рече градоначалникот на Скопје.
Мултифункционалниот комплекс е проектиран во согласност со модерните потреби и животните навики на граѓаните на Скопје, проектот вклучува подземна сообраќајница од околу 800 метри, со станбени делови, 772 резиденцијални единици, канцеларии, трговски центар, хотел со 142 соби, простор за слободни културни активности, ресторани, кафулиња, фитнес-центар и паркинг со капацитет за 2.800 автомобили. Во реализацијата на проектот, во почетокот ќе работат вкупно1300 лица.