Husameddin Gina
30 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје денеска започна петтиот Симпозиум на тинк-тенк организации на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа од Процесот на соработка 16+1, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќин на симпозиумот оваа година е Република Македонија, а на отворањето присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој истакна дека овој овој процес е важен за земјите од регионот, но и за цела Европска Унија, бидејќи креира платформа за дискусија со Народна Република Кина.
„За Република Македонија, а верувам и за останатите земји од Централна и Источна Европа, значајно е да се слушнат позитивни искуства и пракси, да се дискутираат решенија, нови трендови, да се слушнат конструктивните забелешки, што е важен влог кој ќе придонесе во развојот на економската соработка и социјалниот дијалог помеѓу нашите земји“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев, охрабрувајќи ја дискусијата, рече дека искрено очекува научните трудови, анализи, факти, насоки и правци што ќе призлезат од овој симпозиум, да бидат силен импулс во понатомошното креирање на идните развојни активности на Процесот на соработка 16+1.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити, истакна дека МАНУ и нејзините истражувачки центри со посебен интерес ќе ги следат настаните во рамките на проектот за Појасот и модерниот пат на свилата и особено во рамките на Процесот 16 +1.
„Учесниците ќе имаат можност да дебатираат за извонредно значајни, би рекол круцијални прашања, поврзани со „belt and road Initiative“ и нејзината платформа, за Процесот 16+1, којшто треба да ги зацврсти и продлабочи пријателството и заемната економска, културна и научна соработка меѓу Кина и земјите на Источна и Централна Европа“, изјави Таки Фити.
Според Винг Џинчинг, потпретседател на Кинеската академија за општествени науки, овој симпозиум е значајна иницијатива на оваа академија во формирањето мрежа на тинк-тенк комуникација меѓу Кина и земјите од Процесот 16+1.
Сипозиумот го организира Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи, а ќе трае два дена.
Македонија во 2019 година ќе биде домаќин на 4. Министерски состанок за култура на Процесот 16+1.