Ekipa
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
СОФИЈА (АА) - Бугарските власти соопштија дека разбиле криминална група раководена од страна на државни службеници која продавала лажни документи на странци кои сакале да добијат бугарски пасоши, што им обезбедуваат право на живеење и работа во земјите во Европската Унија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обвинителите денес поднесоа обвиненија против челникот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, кој е уапсен заедно со уште 20 други вработени во Агенцијата во полициска акција во нејзините канцеларии низ земјата.
Харалампиев и уште тројца високи претставници се товарат за формирање на организирана криминална група, за земање поткуп, измама и злоупотреба на функцијата.
Криминалната група продавала лажни документи кои потврдувале дека апликантите имале најмалку еден бугарски предок, со што им овозможувала на странци да добијат бугарско државјанство и лични документи. Таа наплаќала 5.000 евра за еден документ.
Како што наведуваат медиумите, со лажните документи бугарски пасоши добиле илјадници лица.