Husameddin Gina
28 Септември 2018•Ажурирај: 29 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Најголемиот проблем на глувите и наглувите лица во Македонија е комуникацијата и дека затоа треба да се обезбедат толкувачи на знаковен јазик. Ова го истакна денеска вршителот на должност на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Томица Стојановски, на манифестацијата по повод одбележувањето на Светскиот ден на глуви и наглуви, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 6 илјади глуви и наглуви лица во Македонија претставувани од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Република Македонија, кој денеска воедно одбележа и 70 години од своето постоење, од надлежните институции побараа социјализирање на глувите деца, специјални градинки и интернет-телевизија за добивање навремени информации.
Вршителот на должност на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Томица Стојановски, на денешната манифестација истакна дека најголемиот проблем на глувите и наглувите лица во Македонија е комуникацијата и дека затоа треба да се обезбедат толкувачи на знаковен јазик.
Томица Стојановски, најавувајќи дека на изборите што ќе бидат одржани во декември оваа година ќе се кандидира за нов претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви, ги истакна и неговите главни проекти.
„Проект градинка за деца, посебна установа само за глуви деца или во состав на постоечките градинки, со помош на лица воспитувачи кои го знаат толкувачкиот јазик - дефектолози. Сите деца што слушаат и зборуваат, одат во градинка, од нивната прва или втора година. Таму тие ги учат основните работи, како што се боите, зборовите, буквите, бројките, играат игри со кои стекнуваат психички развој, учат како се викаат, колку години имаат, се учат на ред и дисциплина, се врши еден вид на нивна социјализација во општеството. Тоа глувите деца го немаат“, истакна Стојановски.
Стојановски, исто така нагласи дека еден од основните проблеми на глувите лица во општеството е и нивното информирање, затоа побара интернет-телевизија.
„На секој човек треба да му биде овозможен пристап до информации, и ние глувите сакаме секојдневно да знаеме што се случило во областа на културата, спортот, политиката во нашата држава, но и во странство“, рече в.д. претседателот Стојановски.
На настанот беше прочитана и пораката од премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, упатена по повод Светскиот ден на глуви и наглуви лица.
Во пораката премиерот Заев ја истакнува важноста на Светскиот ден на глуви и наглуви лица и ја нагласува потребата од зајакнување на индивидуалните и институционалните капацитети за подобрувањето на квалитетот на животот на лицата со оштетен слух.
На манифестацијата присуствуваа голем број членови од здруженијата низ цела Македонија. Глувите ученици од училиштата „Партеније Зографски“ - Скопје и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ - Битола, манифестацијата ја збогатија со фолклорни игри.