Admir Fazlagic
28 Септември 2018•Ажурирај: 29 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан за време навториот ден од подготвителниот скрининг со Македонија порача дека почетокот на овој процес е знак за силната заложба на Европската Унија кон Македонија и Албанија и дека очекува оваа фаза да заврши до следното лето за првата меѓувладина конференција да се одржи наесен во 2019 година, со што и официјално треба да започнат преговорите за членство со ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат преку соопштение од Владата на Република Македонија, еврокомесарот Хан им се придружи на претставниците на Република Македонија и Европската комисија на вториот ден од работниот состанок за објаснувачки скрининг за Македонија и Албанија за подготовка на преговорите за полноправно членство во Европската унија.
Веднаш по заклучните согледувања, еврокомесарот Хан и заменик претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија, Бујар Османи одржаа заедничка прес конференција.
Еврокомесарот Хан потенцираше дека самиот процес е од интерес на граѓаните и ги унапредува нивните услови за живеење – владеењето на правото, стабилизација на економијата и привлекување на инвеститори кои ќе отворат нови работни места, и на кој начин „одливот на мозоци“ ќе се замени со циркулација на работната сила.
Хан упати барање до двете делегации како и до претставниците на Европската комисија за унапредување на комуникацијата со граѓаните.
Според него, за граѓаните не е интересно колку поглавја се отворени, и дека треба да се најде јазик за да се допре до граѓаните.
Тој посочи дека овој проблем кој е забележителен и земјите кои се во понапредна фаза од процесот, е што луѓето гледаат на ЕУ како на некој кој постојано бара реформи и укажа на потребата од објаснување пред луѓето на позитивните резултати и влијанието кое самиот процес го има врз нивните живот, а не само влијанието кое ќе го има крајната цел, пристапувањето.
Хан потенцираше дека сака да го заврши својот мандат барем со јасна индикација за отворање на првото поглавје со Македонија во текот на идната недела, и увери дека ќе ги вложи сите напори за исполнување на оваа цел.
Вицепремиерот Османи потенцираше дека „наскоро очекува македонскиот јазик да се приклучи на останатите официјални јазици на Унијата, а и затоа што вчера и денес Република Македонија испишува историја.”
Тој истакна дека големата владино - државна делегација учествува на работни средби со претставниците на Европската комисија каде прецизно и детално се прегледува Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права како дел од последната подготвителна фаза пред почетокот на преговорите.
„Навистина ова е моментот кој долго време го чекаме, за кој внимателно се подготвуваме, и за кој, со својот придонес се имаат вградено сите поранешни влади, кои ги претставуваат сите поважни политички фактори во земјата. Дозволете денес, на вториот ден од скрининг процесот да констатирам – успеавме. Македонија неповратно се движи кон полноправно членство во Европската Унија и од овој пат враќање назад нема“, рече Османи.
Меѓу другото, тој посочи дека Република Македонија ќе го одржи реформскиот импулс, спроведувањето на билатералните договори и обезбедување на високи капацитети за процесот на скрининг и преговори.
„Вчера формално започна скриниг процесот, неговата прва фаза или објаснувачки скрининг , навистина ова е моментот кој долго го чекаме и за кој се подготвуваме", рече Османи додавајќи дека Македонија неповратно се движи кон членство во ЕУ.