СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на бројни личности од општествениот, политичкиот и културниот живот од земјата и од регионот, како и бројни граѓани од различна етничка припадност вечерва во Скопје во Домот на Армијата на Република Македонија, под покровителство на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) се организираше свечена манифестација со која беше одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Координативното тело на за организирање на Денот на Бошњаците во Република Македонија, Џевад Хот, им се заблагодари на сите присутни на манифестацијата, а во својот говор се осврна на историскиот континуитет на Бошњаците како етничка заедница.
Тој рече дека Бошњак е традиционално и национално име на босанско-херцеговските муслимани и сите останати кои го говорат босанскиот јазик.
„Да се биде Бошњак е нешто со што сме родени, судбина која не се одредува ниту со партиски декрет ниту со волја на некои интелектуалци. Заради тоа, на секој 28 септември гордо ќе се сеќаваме и никогаш повеќе нема да заборавиме дека Бог створил човештво и народи, а на нас не создал како Бошњаци", истакна Хот.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) Мунир Колашинац во своето обраќање пред присутните потсети дека на 28 Септември пред 25 година во Сараево е одржан собир, каде, како што рече, е донесена историска одлука кога на бошњачкиот народ му е вратено националното име Бошњак и со иста одлука мајчиниот јазик е наречен со вистинското име - босански јазик.
Тој истакна дека Бошњаците како народ на територијата на Македонија се присутни уште од 15 век и на овие простори живееле сложно со Македонците, Албанците, Турцијте, Ромите, Србите, Власите, Црногорците и другите народи. Покрај сите предизвици, потенцираше Колашинац, Бошњаците на овие простори успеале да го сочуваат свој иденитет, јазик, култура и традиција.
„Ние имаме обврска да ја чуваме нашата заедничка држава Македонија и да донесуваме вистински одлуки кои ќе ни ги отворат патиштата кон стабилноста, економски развој и напредок на нашата земја. Бошњаците како народ секогаш ги поддржувале прогресивните сили на Македонија и убеден сум дека ќе бидат на страната на оние кои ја водат Македонија на вистински пат", истакна Колашинац.
На вечерашната свеченост присуствуваше премиерот на Република Македонија Зоран Заев. Тој во своето лично име и во име на Владата на Република Македонија го честиташе Денот на Бошњаците.
„Нека не биде само денеска, но сепак овој ден е добра можност за да се одбележат културните специфики и вредности на бошњачката етничка заедница во Република Македонија. Бошњаците како составен и нераздвоен дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, активно учествуваат во градењето на концептот едно општество за сите", истакна Заев.

Премиерот на Македонија информираше и дека од оваа учебна година во образованието на учениците Бошањаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик. Премиерот Заев додаде и дека заложбата на Владата е да останат посветени на креирање активни мерки за подобрување на состојбите во повеќе области кои се од значење за Бошањаците во Македонија.
На присутните им се обрати и Тимур Нумиќ, учесник на заседавањето на Првиот Бошњачки сабор одржан во 1993 година во Сараево, кој во своето обраќање се присети на тие моменти важни за националниот идентитет за Бошњаците.
Исто така, свое обраќање имаше и Сенадин Лавиќ од Културната заедница на Бошњаците „Препород" од Босна и Херцеговина, кој ги поздрави присутните и на Бошњаците во Македонја им го честиташе националниот празник посакувајќи им успех, развој и просперитет.
На вечерашната програма по повод Денот на Бошњаците присуствуваше и Рафет Хусовиќ, лидер на Бошњачка странка и потпретседател на Владата на Црна Гора.
Во рамките на манифестацијата имаше и културна програма, во текот на која настапи бошњачкото културно уметничкото друштво „Љиљан" од Скопје, беа интерпретирани севдалинки и се читаше поезија.
Во текот на денешното одбележување на Денот на Бошњаците, во Скопје беше одржана и дебата за босанскиот јазик, како и промоција на книгата „Па све до Стамбола" од авторот Фатмир Бачи.
Инаку, честитки по повод Денот на Бошњаците, денеска упатија претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и бројни политички лидери во земјата и регионот, посакувајќи просперитет и успех во сите сфери на општеството на Бошњаците, кои се дел од мултикултурното општество на оваа држава.
Освен во Македонија, Денот на Бошњаците со пригодна програма се одбележа и во Косово.
Со измените на Законот за празници во Република Македонија, 8. февруари 2007 година во Собранието на Република Македонија, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот сабор во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) прогласен е за Ден на Бошњаците во Република Македонија.