Bojana Stojanovic
11 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
БЕЛГРАД (АА) - Детските градинки и целодневниот престој во училиштата во Србија од денеска повторно започнуваат со работа, а децата во градинките се примаат со потврда дека се здрави и дека родителите одат на работа, јавува Агенција Анадолија (AA).
По укинувањето на вонредната состојба, градинките денес се отвораат како дел од ублажувањето на мерките воведени во текот на пандемијата на коронавирусот, а надлежните апелираа засега во градинка да се носат децата што нема кој да ги чува.
За да биде примено во градинка потребна е потврда од педијатар дека детето е здраво, додека родителот мора да има потврда од работодавачот дека мора да оди на работа.
Како што изјави заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, во главниот град на Србија сите 308 градинки се отворени.
„Очекуваме денес да имаме помеѓу 20.000 и 25.000 деца. Обезбедени се заштитни маски, ракавици, бесконтактен термометар, градинките се дезинфицирани“, изјави Весиќ за Радио-телевизија Србија.
Според последните податоци, како последица на коронавирусот во Србија досега починале 215 лица, додека заразени се 10.114 лица. Излекувани се 3.006 пациенти.