Аналитичари: „Референдумот ќе помине успешно“
Претстојниот референдум на 30 септември во Република Македонија ќе помине успешно, но важно ќе биде, што ќе се случува на политичката сцена и по референдумот, велат политичките аналитичари во разговор за Anadolu Agency (AA).
Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Претстојниот референдум на 30 септември во Република Македонија ќе помине успешно, но важно ќе биде што ќе се случува на политичката сцена и по референдумот, со оглед на тоа дека за спроведувањето на Договорот околу спорот за името со Грција се потребни и уставни измени, велат политичките аналитичари кои во разговор за Anadolu Agency (AA) говорат за можниот исход од претстојниот референдум, како и за можниот развој на настаните на политичката сцена во земјата по одржувањето на референдумот.
Владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба да го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
- Пендаров: Референдумот ќе помине успешно
Политичкиот аналитичар Тодор Пендаров смета дека референдумот на 30 септември ќе помине успешно. Тој истакнува дека е речиси убеден дека референдумот ќе успее, имајќи предвид, како што вели, дека во него е вложено многу политички капитал, особено од врвните европски политички играчи кои ја посетиле државата.
Но според него, важно е и што ќе се случува по одржувањето на референдумот. Тој вели дека ќе биде многу потешко да се имплементира во целост Договорот во Македонија, поради потребните уставни измени за кои треба да гласаат две третити од вкупниот број пратеници во Собранието на Република Македонија.
„Ако се имплементира кај нас, во Грција, благодарејќи на меѓународниот фактор, ќе помине во Парламентот, таму само треба ратификување во Парламентот. Проблемот ќе биде кај нас, бидејќи за да се имплементира ќе треба двотретинско мнозинство и се гласа трипати, за потребата за отворање уставни промени со 81 глас (од вкупни 120), потоа за амандманите со обично мнозинство, и на крајот, кога ќе дојде на усвојување, треба двотретинско мнозинство. Дали тоа ќе се обезбеди, не сум сигурен“, истакнува Пендаров.
Според него, едната од опциите е, ако првото гласање падне, актуелното мнозинство да распише вонредни парламентарни избори.
Прашан за тоа какви ќе бидат перспективите за помалубројните етнички заедници во Македонија, по спроведувањето на референдумот и прогресот во евроатланските процеси на земјата, Пендаров вели дека нивните права не се остваруваат во онаа мерка во која би било потребно.
„Влегувањето во НАТО не можете да го гледате во светло на етничките заедници. Самото влегување во НАТО нема многу да смени во поглед на помалите заедници, од проста причина што ние ги заборавивме од имплементацијата на Охридскиот договор, така што формално тие уживаат некои права, но кога станува збор за фактичко остварување на правата, од различни причини, пред сѐ од функционалноста на државата, тие не се остваруваат“, изјавува Пендаров.
- Муслиу: „Македонската опозиција го отежнува постигнувањето на цензусот за референдум“
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека главното прашање е да се постигне цензусот за референдум, бидејќи, како што рече тој, такво нешто ќе биде тешко поради тоа што македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не е целосно вклучена.
„Не постои спор околу различните ставови, туку мислам дека нема некоја дилема дека мнозинството гласачи во Македонија ќе гласаат „за“ на референдумот, но токму поради недостиг на јасен став на опозицијата, дилемите се поврзани со цензусот“, вели Муслиу, кој смета дека македонската опозиција треба да биде поактивна на референдумот, земајќи ја предвид историјата на излезност на гласање во Македонија, каде што има излезност од 1 милион до 1 милион и 200 илјади гласачи.
Муслиу изразува уверување дека в недела на 30 септември ќе биде празничен ден за Македонија, нагласувајќи дека за време на тринеделната позитивна кампања промоторите на референдумот успеале да им помогнат на граѓаните и да дадат ентузијазам за поддршка на референдумот.
- Меѓуетничките односи во Македонија не се оштетуваат од надворешни договори
Во врска со тврдењата дека постои можност Договорот да наштети на помалубројните заедници во Македонија, Муслиу верува дека врските меѓу заедниците кои живеат во Македонија се внатрешни прашања и не може да им се наштети од кој било надворешен договор.
Според него, корист од Договорот со Грција ќе имаат сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и помалубројните заедници, бидејќи секоја деблокада на евроатлантските процеси значи потенцијал за квалитетот на животот.
Тој се осврна и на спроведувањето на Договорот од Преспа, откако тој ќе се спроведе во Македонија.
Муслиу истакна дека во Грција е потребно просто парламентарно мнозинство, кое според него, грчкиот премиер Алексис Ципрас го обезбедил, укажувајќи на коалицискиот партнер на грчкиот премиер, кој беше против Договорот, но некои негови пратеници изјавија дека ќе гласаат за ратификување на Договорот од Преспа и за поддршка на членството на Македонија во НАТО.
- „По спроведувањето на Договорот од Преспа, многу е реално да се одржат предвремени парламентарни и претседателски избори“
Прашан дали оваа политичка ситуација ќе ја доведе земјата до предвремени парламентарни избори, Муслиу не е скептичен дека нема да се одржат предвремени избори, и тоа заедно со претседателските избори кои треба да се одржат во април наредната година.
„Ако процесот се развие кон потребната насока, мислам дека ќе има согласност и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, за да се влезе во еден циклус на предвремени избори, за некои дилеми за внатрешното организирање кои ги имаат политичките партии во Македонија, да бидат отстранети по тие избори. Многу е реално и можно да се заклучи дека Договорот од Преспа е најава на претседателски избори, по можност да имаме и предвремени парламентарни избори“, додаде Муслиу.
- Чако: „Со референдумот се приближуваме до стратешките цели на државата“
Поранешниот министер без ресор во Владата на Република Македонија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Македонија, Фуркан Чако, истакна дека од денот кога прогласи независност од Југославија, приоритетна цел на Република Македонија е членството и интеграцијата во различни меѓународни организации, особено во евроатлантските институции и Обединетите нации (ОН).
Тој нагласи дека оваа цел е писмено наведена во секој стратешки документ на државата, во секоја владина програма, но и во изборните програми на политичките партии.
Како што вели Чако, Армијата на Република Македонија, заедно со армиите на други земји учествуваше во секоја теоретска и практична мисија на НАТО, пред сѐ во програмата „Партнерство за мир“ (Partnership for Peace).
„Според мене, референдумот кој ќе се одржи на 30 септември, можеме да го сметаме како една демократска алатка за со уште еден чекор да се приближиме до нашата стратешка цел, членството во НАТО, нешто што сакаме да го постигнеме од нашата независност. Иако поминуваме еден период кога се дискутира околу тоа дали референдумот е легитимен или не, наместо да се дискутира дали тој ќе биде успешен, според општата атмосфера во земјата, мислам дека не постои пречка зошто референдумот не би бил успешен“, вели Чако.
Според него, во случај референдумот да биде успешен, се очекува дека на дневниот ред на Собранието ќе бидат уставните промени.
- „Може да се очекуваат тешки зделки меѓу двете партии“
Чако истакна дека поради тоа што власта не го постигнала потребното двотретинско мнозинство за уставните промени, јасно е дека ќе има потреба од гласовите на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Во оваа насока, може да се очекуваат тешки зделки меѓу двете партии или само меѓу некои политичари“, смета Чако, додавајќи дека покрај конвенционалните политички реторики, ќе се влезе во еден политички период кога ќе се користат реторики како европски фондови и членство во ЕУ.
Тој додава дека некои од етничките конфликти кои се случија во процесот на распаѓањето на Југославија, укажаа на важноста на концептите во Европа, како што се остварување на правата на помалубројните заедници.
- „Со НАТО можеме да очекуваме гарантирање на безбедноста на помалубројните заедници во земјата“
Прашан што ќе значи за помалубројните етнички заедници во земјата, интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО, и дали ќе се подобри состојбата со нивните права, статусот и положбата во мултиетничкото општество, Чако истакна дека доколку се земат предвид повеќето земји кои станале членки на НАТО, а потоа на ЕУ, може да се види дека по отворањето на преговорите за членство, овие земји направиле конкретни чекори во насока на подобрување на правата на помалубројните етнички заедници.
„Кога ќе ги разгледаме овие прашања од аспект на турската заедница во Македонија, со НАТО можеме да очекуваме гарантирање на нејзината безбедност во земјата, а со ЕУ можеме да очекуваме барање на правата на помалубројните заедници во еден потранспарентен политички и правосуден систем, како и подобрување на процесите, како што е следење на процесите за денационализација. Мислам дека ќе се отвораат можности за полесна соработка со околу 5 милиони сограѓани во различни земји членки на ЕУ“, нагласи Чако.
- Бишевац: „Референдумот ќе ја одреди иднината на земјата и нејзините граѓани“
Политичкиот аналитичар Сафет Бишевац, инаку поранешен новинар и пратеник во Собранието на Република Македонија, смета дека референдумот на 30 септември, на некој начин, ќе ја одреди иднината на земјата и нејзините граѓани.
„За Република Македонија овој референдум навистина има една таква димензија бидејќи од, не директно од неговиот исход, туку расплетот на ситуацијата, бидејќи од зачленувањето на земјата во НАТО и во ЕУ зависи нејзината иднина. Всушност, ова е референдум за иднината и сметам дека тоа е нешто што сега треба да се истакне“, вели Бишевац, додавајќи дека живеењето во минатото го отежнувал развојот на земјата.
Додава дека политичките елити на Македонија, од нејзината независност, не успеале да изградат систем на вредности кој граѓаните би ги приближил до стандардите и вредностите кои владеат во ЕУ и во НАТО, што според него е клучен проблем на целата територија на Балканот, освен во Словенија.
Во тој контекст, вели дека Договорот за решавање на спорот за името со Грција би можел да биде подобар, но дека сепак, овој Договор и граѓаните на Македонија заслужуваат шанса за подобра иднина.
„Технички, сметам дека референдумот не може да биде неуспешен, и ако не биде исполнет цензусот од 50 отсто како што тоа го бара законот, нема да биде голем проблем, бидејќи голем број од граѓаните кои ќе излезат на референдумот, сигурно ќе гласаат „за“. Тоа е едната димензија од референдумот. Другата димензија е тоа што тој е консултативен и не е обврзувачки. На крајот, целата работа околу Договорот ќе биде донесена таму каде што треба да биде донесена, а тоа е Собранието на Република Македонија, и сметам дека ќе се најде потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници“, вели Бишевац.
Сепак, тој смета дека тоа не е лесно, со оглед на тоа што опозицијата не се изјасни дека директно ќе го бојкотира референдумот, но таа на теренот спрема „тивок бојкот“, иако е свесна дека не може да смени нешто. За Бишевац, тоа што сега го прави опозицијата е влог за идни политички битки за следни избори.
- Колку ќе биде подобро за повеќебројните заедници, толку ќе биде подобро и за помалубројните“
Прашан за тоа колку успешниот референдум и спроведувањето на Договорот за името би можеле да придонесат за подобрување на статусот и положбата на помалубројните заедници во Македонија, овој политички аналитичар смета дека колку прогрес ќе има за повеќебројните заедници, толку ќе има и за помалубројните.
„Во онаа мерка во која ќе донесе подобро на најголемата етничка заедница или и за втората етничка заедница по големина, за Македонците и Албанците, сигурно ќе донесе подобро и за помалите етнички заедници, Роми, Турци, Бошњаци, Срби и така натаму. Ова е процес. Она што овој референдум и позитивната одлука во Парламентот ќе го овозможат е брзо членство во НАТО“, истакнува Бишевац.
- Можност за предвремени парламентрни избори
Во однос на можно одржување на предвремени парламентарни избори во Македонија и понатамошните случувања на политичката сцена во земјата, Бишевац вели дека каков и да биде исходот од референдумот, отвора димензија која ќе значи продолжување на политичката борба во Парламентот.
Од една страна, ако не успее референдумот, тоа може да биде сигнал на опозицијата да побара предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските во април 2019 година, а доколку успее, премиерот Заев може да ја искористи таа можност и во некоја нова коалиција, која би била сочинета од сите партии кои сега се дел од коалицијата за референдумот предводена од СДСМ, која би можела да смета на 550 - 600 илјади гласови, што е доволно за двотретинско мнозинство, појаснува Бишевац.
Адмир ФАЗЛАГИЌ, Бесар АДЕМИ, Фуркан АБДУЛА
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.