Abdula Berisha
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на прес-конференција откри детали во врска со спроведувањето на процесот на попишувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потсетувајќи дека денес истекува 15-от ден од попишувањето на граѓаните на Северна Македонија што живеат во странство и дека воедно е последен ден за попишувањето на дипломатите и нивните семејства, тој изрази задоволство од досегашниот напредок на процесот.
„На мое лично задоволство, информациите што доаѓаат од нашите дипломатско-конзуларни претставништва велат дека нашите дипломати и членовите на нивните семејства успешно го поминаа овој процес“, рече Османи, додавајќи дека успехот на попишувањето на дипломатската мрежа претставува успех на пилот-проектот за функционалноста на системот за попишување.
Тој потсети дека рокот за самопопишување на дијаспората по електронски пат продолжува до 21 април, со апел граѓаните на Северна Македонија во странство да се попишат во што поголем број.
„Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правично мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство. Резултатите се важни за да имаме основа за донесување развојни политики засновани на точни податоци, што повторно ќе бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора“, нагласи Османи.
Министерот за надворешни работи исто така информираше дека најголем број попишувања од дијаспората се извршиле од европските земји, додека помалку попишувања се направени од Канада и Австралија.
„Дозволете да ве информирам дека денес бројката на попишани наши граѓани во странство надмина 60 илјади. Пресекот покажува дека на прво место е Швајцарија со 16 илјади самопопишани граѓани, што според досега проценетите бројки претставува околу 1/4 од нашите граѓани таму. Следуваат Германија со околу 10 илјади, Италија со 6 илјади, а далеку послаби резултати имаме во Канада и Австралија“, истакна тој.
Османи рече дека Министерството за надворешни работи продолжува да работи активно во промовирање на процесот на попишување, соработувајќи со невладините организации, и притоа истакна дека „целата мрежа е ставена во служба на овој процес како наш најголем приоритет“.
Тој исто така рече дека и лично се среќава со граѓаните на Северна Македонија за време на неговите посети на различни земји и ги повикува на активна мобилизација.
- Попис во Република Северна Македонија -
Потсетуваме, од 1 март започна процесот на попишување на дипломатите и нивните семејства, како и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата.
Од 1 до 15 март се попишуваат уште пет други категории лица, а тоа се лицата што се наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или во странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштитата на личните податоци.
Директорот на Државниот завод за статистика на РСМ, Апостол Симовски, во изминатиот период во неколку наврати излезе со став дека „доколку се почитуваат предвидените протоколи за заштита, ќе може безбедно да биде спроведен пописот“.