Ekipa
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, престојува во работна посета на Италија, во чии рамки оствари средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на земјата, Луиџи ди Мајо, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На средбата, како што е истакнато во соопштението на МНР на Северна Македонија, разгледани се можностите за продлабочување на политичките и економските односи, вкупната билатерална соработка во сите сегменти од заеднички интерес, како и регионалните актуелни состојби и соработка.
„Италија во континуитет е меѓу топ десетте земји според големината на трговската соработка со Северна Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра. Ова претставуваа значаен придонес во нашата економија, но со оглед на политичката поддршка, географската близина и традиционалната соработка, сметам дека постои потенцијал за уште поголема економска активност“, истакна Османи на средбата.
Фокус на разговорите, според соопштеното, е ставен и на европскиот кредибилитет во регионот, кредибилитетот на самиот процес на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија и поддршката на Италија за почеток на преговорите за Северна Македонија.
„Остануваме цврсто на патот на европските интеграции. Европските реформи мора да продолжат, особено во областите на владеењето на правото, со видливи резултати и во борбата против криминалот и корупцијата. Ние мора целосно да ја завршиме и нашата подготовка за почеток на преговорите“, нагласи Османи, уверувајќи дека Северна Македонија цврсто останува на определбата за полноправно членство во Европската Унија.
Изразена е согласност дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист како за Северна Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на заложбите на ЕУ за довршување на процесот на европското обединување.
Османи и Ди Мајо разговарале и за можностите од продлабочување на билатералните односи во останатите сегменти на општествената соработка, како и за актуелностите поврзани со справување со здравствените и социо-економските последици предизвикани од пандемијата и за процесот на имунизација.
Во рамките на посетата на земјата, Османи ќе оствари средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи при Долниот Дом на италијанскиот Парламент, Пиеро Фасино, а ќе го посети и Ватикан каде треба да се сретне со ватиканскиот секретар за односи со државите, монсињор Пол Ричард Галагер.