Анализа на вести, политика

Дали САД се свртуваат кон своите стари непријатели?

Последните коментари што дојдоа од САД покажуваат дека е неуспешен обидот и изговорот исламот и муслиманите да бидат претставени како непријатели на Западниот блок, кој траеше речиси 30 години

Prof. Dr. Cengiz Tomar  | 24.02.2021 - Обновена : 26.02.2021
Дали САД се свртуваат кон своите стари непријатели?

ИСТАНБУЛ

- Џенгиз ТОМАР

Соединетите Американски Држави (САД) и Западниот блок кои се победници на Студената војна што се одвиваше во текот на 20 век, делумно поради антимуслиманскиот притисок од страна на експертите за Блискиот Исток, настаните од 11 септември и дејствијата на радикалните терористички групи, како што се Талибанците, Ал Каеда и ДЕАШ (всушност, формирани од околностите што самите ги создадоа), во 90-тите години од минатиот век се насочија кон исламот и муслиманите наместо кон Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт.

Во овој период кога С. Хантингтон, Б. Луис и Д. Пајпс се јавните „гуруа“ на новиот конзервативизам, создадени од имагинацијата на САД и поставени на сцената со холивудски сценарија, и кога со немири Блискиот Исток во потполност се уништува, што резултира со навреди и понижувања на муслиманите во целиот свет, Русија под водство на Владимир Путин тоа го виде како еден вид можност и првите чекори на своето враќање ги направи прво во Грузија, а потоа во Украина (Крим).

Залудни беа обидите на САД да ја испровоцираат и против Русија да ја испратат Европа, која во тој период беше економски гигант, но „џуџе" на политичко и воено поле. Бидејќи обидите на САД не дадоа никакви резултати над класичните дискурси на Европејците, кои ја почувствуваа удобноста на благосостојбата што ја постигнаа по Втората светска војна, за САД може да се каже дека, како во песна, „рацете им останаа празни“.

Откако Русија, која повторно се закотви на старите пристаништа во топлите мориња на брегот во Сирија и Либија, САД (и по цена да го навлечат гневот на Турција која е најсигурниот и најмоќниот сојузник во регионот) во источниот дел на Сирија се обидоа да воспостават државичка на ПКК, но освен обидот, не сторија ништо друго. На тој начин, ја принудија Турција, најмоќниот сојузник во регионот, да ги отвори своите едра и да се насочи кон Северот и Истокот.

Од крајот на Студената војна досега, Кина, која претставува голема моќ на Истокот со нејзиното бројно население, од 90-тите години на минатиот век досега има постојано растечка економија, а со глобалните проекти, како што е „Појас и пат“, преку методите на добрата употреба на нејзината моќ, странските капитални инвестиции, евтиното индустриско производство со кое другите земји ги прави зависни од неа, со политиките, како што се закуп на земјиште од слабите земји и нивно задолжување, го шири своето влијание во Азија, Блискиот Исток и Африка. И додека САД и Западот се занимаваат со исламот и муслиманите, и прават поделби во земјите како што се Ирак, Сирија, Либија и Јемен со ветување за демократија, Кина стана голема закана за САД.

На пет години пред исполнување на вториот квартал на 21 век, од САД доаѓаат сигналите „добро утро по вечерата“ или „нема поплаки по завршената работа“, а особено по гласовите што се издигнуваат од „владејачката класа“ именувана како „establishment“, изгледа дека САД (спротивно на охрабрувањето на политиките што со години ги води Израел), наместо со Блискиот исток и Иран, во годините што следуваат, повеќе ќе се држат до борбата со Кина и Русија. И прекумерната реакција на САД кон Турција за купувањето на системот С-400 најверојатно е поврзано со тоа. Со оглед на тоа дека при обидот за државен удар во Турција во 2016 година сторителите беа фатени на дело, САД не сакаа да ѝ го продадат системот „Патриот“ на Турција и соработуваат со терористчката организација ПКК во Сирија, ја оставија Турција со Русија, која веќе е нејзин северен сосед. Пристапот на европските сојузници на Турција во НАТО кон членството во Европската Унија (ЕУ), како и кон прашањата како што се Сирија, ПКК, ФЕТО, Источен Медитеран и бегалците, се сол и црн бибер на целата оваа работа.

Последните коментари што дојдоа од САД покажуваат дека е неуспешен обидот и изговорот исламот и муслиманите да бидат претставени како непријатели на Западниот блок, кој траеше речиси 30 години, но додека се спроведуваше овој проект, Русија и Кина израснаа во две големи закани. Најверојатно ова е показател дека во наредните години, наместо кон Блискиот Исток и исламофобијата, САД повторно ќе им се вратат на нивните постојани и хронични непријатели, Русија и Кина.

Изјавите на голем број врвни американски воени претставници покажуваат дека најголема закана за САД во следните години ќе бидат Русија и Кина. Од тој аспект, може да се забележи дека во последните години е намалена бројката на академски публикации кои во 90-тите години од минатиот век беа насочени кон исламот и муслиманите, а зголемен е бројот на статии во кои Кина и Русија се претставени како закана. САД, кои по 90-тите години на минатиот век, кога дејствуваа сами како жандармерија на светот и под изговор да го легитимираат тоа, користеа радикални „религиозни“ терористички организации, сега се свртеа кон Русија и Кина и ги ставија на таргет-таблата; но можеби нивната работа нема да им биде толку лесна. Кина и Русија, кои со своето население, економија, воена и нуклеарна моќ се во врвот, за Соединетите Американски Држави, чија „златна доба“ завршува, ќе бидат залаци кои нема да можат лесно да ги проголтаат.

Всушност, може да се забележи дека САД, кои првично имаа за цел да ја опкружат Русија со што повеќе европски НАТО-сили, во последниов период самите ја презедоа оваа задача. САД често изведуваат вежби на Балтикот и Црното Море, под изговор дека ја бранат Европа и се обидуваат да ги обединат земјите на југот од Русија, како што се Украина и Грузија, кои се жртви на Русија. Освен тоа, покрај ладните односи со Турција, САД се обидуваат да ја користат Грција како база во Источен Медитеран, за да извршат притисок врз Русија. Откако по завршувањето на Студената војна е намалена важноста на Турција во Западното крило, многу е очигледно дека Русија многу добро ја разбрала геополитичката важност на Турција. Од тој аспект, Русија, за разлика од Западното крило на НАТО, го направи првиот чекор за да ги развие односите со Турција.

Во Источен Медитеран, под диригентската палка на САД формирана е група во која партиципираат земјите од Заливот и Египет, Израел, Грција и Франција, а причина за создавањето на овој фронт, кој во Турција е именуван како „Јужен фронт против Турција“, од една страна претставува дисциплинирање на Турција поради нејзиното приближување кон Русија, а од друга страна да ја опкружи Русија од југот, која не е во сојуз со Турција. Во исто време САД изведуваат континуирани и сериски вежби во Јужното Кинеско Море и со морнарицата и со авионите; со други зборови, САД наспроти себе ги зедоа и Кина и повратникот, Путиновата Русија. Одразот на овие политики на САД на Блискиот Исток, кои веќе имаат тензични односи со Турција и нивната желба за склучување договор со Иран, можно е да потекнува од фактот што САД барем извесен период многу како да не се грижеа за Блискиот Исток.

Овој текст, како и секогаш, ќе го завршам со една последна реченица: „Ниту една стратегија не може да ја смени судбината“.

[Проф. д-р Џенгиз Томар, заменик-ректор на Интернационалниот турско-казачки универзитет „Ахмед Јасави“]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.