Admir Fazlagic
21 Февруари 2021•Ажурирај: 21 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во Дубаи оствари средба со државната министерка за меѓународна соработка, Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и главен управен директор на „ЕКСПО 2020 Дубаи", пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, централна тема на средбатата била учеството на Република Северна Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи“, при што бил посетен и Павилјонот на Република Северна Македонија кој е во финална фаза.
„Во рамките на разговорот Османи упати благодарност за помошта на ОАЕ за справување со пандемијата КОВИД 19 која беше доделена на нашето министерство за здравство во текот на месец ноември минатата година", се вели во соопштението на МНР.
Првиот ден од посетата, Османи имаше средба и со министерот за надворешна трговија, Тани Ахмед Ал Зејуди, со кој разговараа за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена.
„Економската соработка останува како главен фокус на нашиот заеднички интерес, така што можеме да истакнеме дека главни области на интерес се трговијата, инвестициите и туризам“, истакна министерот Османи.
„Во рамките на дводневната посета на ОАЕ, утре Османи во Абу Даби, ќе се сретне со неговиот колега, Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, со министерот за толеранција и соживот, Шеик Нахјан Мубарак Ал Нахјан, со државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али Ал Сајег како и со извршниот директор на “Hedayah International Center” за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам, Ахмед Ал Касими", информираат од МНР на Северна Македонија.