политика

Димитров во официјална посета на Француската Република

На разговорите станало збор за аспектите на билатералната соработка, како и за заедничките стратешки определби за европска и евроатлантска интеграција на Северна Македонија и на регионот

Ekipa  | 09.09.2019 - Обновена : 10.09.2019
Димитров во официјална посета на Француската Република Фото: МНР на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, престојува во официјлна посета на Француската Република во рамките на која оствари средба со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, и со Клеман Бон, советник за Европа во кабинетот на претседателот Емануел Макрон, пренeсува Anadolu Agency (AA).

Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, на разговорите станало збор за аспектите на билатералната соработка, како и за заедничките стратешки определби за европска и евроатлантска интеграција на Северна Македонија и на регионот.

„Од наша страна беше истакнато дека добивањето позитивна одлука за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ е уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, а што истовремено ќе создаде нов импулс за нас, но и за целиот регион и за ЕУ“, се додава во соопштението на Министерството.

Министерот Димитров нагласил дека со Преспанскиот договор е успеано постигнување европски компромис во регион каде тешко се прават компромиси.

„Нашата цел е да станеме европска земја, а тоа пред сè значи владеење на правото. Имаме голема шанса за заеднички успех во октомври“, истакнал министерот Димитров на средбите.

Слични пораки министерот Димитров упатил и на средбите со Салваторе Серавале, заменик Генерален секретар во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Франција и со Сенаторот Ален Ришар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.