политика

Николоски: ЕК да имплементира мерки што ќе обезбедат непречена работа на транспортните компании

На конференцискиот состанок со претставници на Европската комисија, Николоски ја нагласи потребата од долгорочни решенија за проблемите со кои се соочуваат транспортерите...

Shpetim Hiseni  | 03.02.2026 - Обновена : 03.02.2026
 Николоски: ЕК да имплементира мерки што ќе обезбедат непречена работа на транспортните компании

СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, ја повика Европската комисија да изнаоѓа мерки за да се обезбеди непречена работа на транспортните компании во шенген зоната, пренесува Анадолу.

На конференцискиот состанок со претставници на Европската комисија, вклучително и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти и надлежните министри од земјите од Западен Балкан, Николоски ја нагласи потребата од долгорочни решенија за проблемите со кои се соочуваат транспортерите, истакнувајќи ја важноста на секторот за регионалната и европската економија.

Според соопштението од Министерството за транспорт, Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамките на земјите од шенген зоната.

Претставниците на Европската комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ, во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите, се вели во соопштението.

На состанокот е потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од шенген зоната наместо од почетокот од април се одложува до септември оваа година.

Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво, која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.

На состанокот, додаваат од Министерството за транспорт, ЕК ги потенцира важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓањето трајно прифатливо решениe, кое е во интерес на сите засегнати страни.

Состанокот е одржа откако минатата недела превозниците во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина започнаа блокада на граничните премини во знак на протест против новите правила за престој во шенген зоната.

Блокадата заврши откако ЕУ сигнализираше усвојување на нова визна стратегија, која ќе обезбеди решенија за професионалните возачи од земјите од Западен Балкан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.