Министерот Николоски: Брисел ги прифати барањата, го решаваме проблемот со превозниците
- „Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци.“
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, денес соопшти дека Брисел ги прифатил барањата и ставовите на превозниците, по нивниот неколкудневен протест, пренесува Анадолу.
Николоски преку објава на социјалните мрежи извести за одлуката на Брисел, изразувајќи благодарност до сите што помогнале за решавање на проблемот на превозниците.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. По протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи што ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, истакна Николоски во објавата.
Во прилог тој објави дел од Стратегијата, според која во моментов, легислативата на ЕУ дозволува престој во Шенген зоната до 90 дена во рок од 180 дена за патници без виза и оние на кои им е потребна виза. Секој престој подолг од 90 дена бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка. Сепак, се додава, некои професионалци од трети земји кои во голема мера се мобилни меѓу земјите членки - како што се уметници, спортисти, експерти на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите на ЕУ или возачи на камиони кои им служат на бизнисите на ЕУ, може да бараат пристап до различни земји членки повеќе од 90 дена во рок од 180 дена, без потреба од долг престој или престој во ЕУ.
„Ова создава сложен систем, кој е дополнително комплициран од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји членки пред стапувањето во сила на Шенгенските регулативи, кои им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат подолго од 90 дена, но само на територијата на засегнатата земја членка, со што се поткопува унифицираната примена на правилата за Шенгенот“, се наведува понатаму и се додава:
„Комисијата ќе соработува тесно со земјите членки за да идентификува прагматични решенија за сместување на продолжени кратки престои за одредени категории државјани на трети земји, осигурувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие размислувања ќе го истражат и воведувањето на нова легислатива со специфичен сет правила за продолжен краток престој на ниво на ЕУ. Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжени престои, со цел постепено нивно укинување.“
Како клучни следни чекори од Брисел се издвоени брзо спроведување на дигитализацијата на визните процедури, стартување на Европскиот информациски и систем за авторизација на патувања, идентификување опции за визи со повеќе влезови со поголга важност, имплементирање на Препораката на Комисијата за привлекување таленти за иновации и истражување на опции за прилагодување на рамката на ЕУ за визи за долг престој кон екосистемите за иновации и истражување.
Инаку, возачите на камиони од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, на 26 јануари започнаа седумдневни протести на граничните премини како реакција на новиот европски систем за управување со границите – системот за влез/излез (EES).
