Ekipa
02 Мај 2016•Ажурирај: 03 Мај 2016
БЕРЛИН (АА) - Привремената контрола на границите на Шенгенот би требало да биде завршена на 12-ти мај, но властите од Германија ќе побараат овие контроли да продолжат, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи, Тобијас Плате на денешната конференција за новинарите во Берлин соопшти дека гермаскиот ресорен министер Томас де Маисиере ќе испрати писмо до Европската комисија во коешто ќе побара задржување на контролите на границите на земјите од Шенген зоната и по 12-ти мај.
Тој додаде дека ваквото барање ќе го поддржат и други министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија.
Истакнувајќи дека Германија не бара воспоставување на трајна контрола на границите, Плате изјави дека контролата би требало да се задржи сѐ до моментот додека не се надминат сите безбедносни и други ризици на надворешните границите на Шенген зоната.
„Доколку Европската комисија го прифати нашето барање, на границите од земјите на Шенгенот, контролите би можеле да продолжат наредните шест месеци“, соопшти Плате.
Портпаролот на германската влада, Стефан Зајберт предупреди дека е потребно продолжување на контролата на границите на Шенген зоната, особено на надворешните граници на тој регион.
Зајберт изјави дека имплементирањето на договорот меѓу Турција и Европската унија резултирало со значително намалување на пријавата на мигранти во Европа, но дека и понатаму е потребна контролата на границите, и не само од правецот на Егејското Море, туку и од други насоки.