Hasan Esen
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот совет го прифати предлогот на Европската комисија за уште три месеци да ја продолжи привремената контрола на внатрешните шенгенски граници во Австрија, Германија, Данска, Шведска и во Норвешка, јавува Anadolu Agency (AA).
Во предлогот на Европската комисија се наведува дека и покрај постепеното стабилизирање на ситуацијата, сѐ уште не се исполнети условите за нормално функционирање на Шенген-зоната, а тоа го потврди и Европскиот совет.
Според одлуката на Европскиот совет, сегашната гранична контрола, која истекува на 12 февруари, ќе биде продолжена за уште три месеци.
Се очекува дека продолжувањето на граничната контрола може да трае сѐ до општите избори во Германија, кои ќе се одржат на 24 септември оваа година.
Одлуката на Европскиот совет беше донесена во време кога се изнесуваа сериозни критики за претседателот на САД, Доналд Трамп, поради потпишувањето на регулативата за забрана на влез на мигрантите во САД.
Но, ЕУ тврди дека нејзината цел не е да се градат ѕидови како на САД, туку да се менаџира влезот на мигрантите.
Во текот на 2015, во Европа влегле повеќе од еден милион мигранти.