политика

Мицкоски: Нема уставни измени ако не бидат исполнети најмалку два услова

„Уставни измени нема да има додека јас сум претседател на Владата ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие гарантираните права...“

Dzihat Aliju  | 29.01.2026 - Обновена : 29.01.2026
Мицкоски: Нема уставни измени ако не бидат исполнети најмалку два услова

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека нема да има уставни измени ако не бидат исполнети најмалку два услова, без гарантирани права на Македонците во Бугарија и без гаранции дека нема да се соочуваат со блокади од субјективни причини, јавува Анадолу.

Мицкоски го кажа ова на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

„Уставни измени нема да има додека јас сум претседател на Владата ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие гарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права“, рече тој, продолжувајќи:

„И, второ, додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски, дека повеќе нема да има билатерални вета и дека нема веќе никој оваа држава, која многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство понела жртва како ниедна држава, како и овој народ и овие граѓани како ниедни други во Европа поднеле жртва, дека нема повторно да имаат нови омаловажувања, понижувања и опструкции од кои било субјективни причини.“

- Бугарија во 2020 година стави вето на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ -

Во ноември 2020 година Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија, поради спорот околу историјата, јазикот, како и барањата за правата на бугарската заедница во земјата.

Во јули 2022 година Собранието на Северна Македонија ги усвои заклучоците од францускиот предлог, во време кога Франција беше претседавач со Европскиот совет, со што се отвори патот за продолжување на процесот на земјата со ЕУ.

Истата година, со цел надминување на несогласувањата, тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, на 17 јули во Софија потпишаа билатерален протокол.

Во заклучоците на Советот, меѓу другото, беше предвидено Бугарите да бидат внесени во Уставот на Северна Македонија, по одржувањето на првата меѓувладина конференција и официјалниот почеток на преговорите.

Северна Македонија на 19 јули 2022 година успеа да ги започне пристапните преговори со ЕУ, одржувајќи ја првата меѓувладина конференција, но поради неспроведување на заклучоците, како резултат на недостиг на политичка волја и консензус во земјата, евроинтеграцискиот процес не продолжи понатаму.

Во 2005 година земјата доби статус „земја кандидат“, а по спроведувањето на уставните измени ќе започне со отворање на поглавјата за членство во Европската Унија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.