Admir Fazlagic
23 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕиас, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата присуствуваа и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Грција.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието Џафери, тој изразил задоволство од динамиката на директните билатерални средби со Република Грција, како и од средбите во рамки на Обединетите нации за изнаоѓање решение на едно прашање кое ги попречува двете земји да влезат во подлабока соработка со децении.
„Резултат на позитивниот дух кој се внесе од премиерите на двете земји во изминатиот период и кој е општо присутен во билатералните односи е одблокирањето на учеството на Република Македонија во Јадранско-јонската стратегија и имплементацијата на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ", се вели во соопштението.
Претседателот Џафери потенцирал дека членството во НАТО и во Европската Унија е мнозинска определба на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Џафери ги охрабрил министрите во нивните идни чекори за изнаоѓање на решение и ја искажа подготвеноста на Собранието да го поддржи таквото решение.
„Грција е четврт најголем инвеститор во Република Македонија, но она што недостига е немањето директна билатерална соработка со Парламентот на Република Грција, освен на маргините на мултилатералните состаноци и на регионалните иницијативи. Во таа насока, претседателот Џафери иницираше трилатерална средба меѓу парламентите на Грција, Македонија и Албанија, на која ќе се дискутираат можностите и начините за интензивирање на парламентарната соработка на сите нивоа во иднина", се вели во соопштението.
Се наведува дека министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиа истакнал дека лично ќе се заложи за иницијативата на претседателот Џафери, бидејќи работите кои им се оставени во наследство од минатото и кои ги спречуваат поблиску да соработуваат, ги мотивираат за изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат плодна соработка во иднина.
Коѕијас истакнал дека е неопходна потребата од поставување поширока рамка со која ќе се овозможат позитивни движења и процеси меѓу двете држави.
„За среќа, луѓето од двете страни на границите споделуваат многу заеднички вредности, традиции и обичаи и тие бараат од политичарите проблемите да се постават на реални димензии, а одличната соработка на многу полиња, како во полицијата и одбраната, да се прошири и во образованието, културата, размената на кадри и експертиза меѓу научно-истражувачките центри и универзитети и на други приоритетни полиња", се вели во соопштението на кабинетот на Џафери.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, се состана со неговиот македонски колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.