Ekipa
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес во Анкара ја прими вицепремиерката и министерка за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шекеринска, која престојува во официјална посета на Република Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата беше нагласено дека односите меѓу двете земји кои се развиваат во секоја област, особено на полето на воената соработка, можат да послужат како пример, и дека Турција секогаш ја продолжува поддршката за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
Според информациите добиени од Кабинетот на премиерот, за време на средбата поздравени се меѓусебните посети и средбите од високо ниво кои често се реализираат меѓу двете пријалетски земји во последниот период.

Министерката Шекеринска, во рамките на својата официјална посета на Турција, денеска оствари средба и со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
На средбата помеѓу двајцата министри е констатирано дека Турција ги помага и поддржува аспирациите на Македонија за членство во НАТО, и дека тоа е особено важно во следните клучни месеци, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Р. Македонија.
Турскиот министер Чавушоглу ја повтори безрезервната поддршка од страна на Турција за зачленување на Македонија во НАТО и истакна дека таа ќе продолжи и на министерскиот состанок на Алијансата во април и на самитот во Брисел во месец јули.
Министерката Шекеринска на средбата потенцира дека Македонија и нејзините граѓани ја ценат поддршката на Турција на патот кон Алијансата од самиот почеток на процесот, и дека двете земји одржуваат цврсти врски во областа на одбраната, како и тоа дека Македонија стои зад заклучокот на Турција дека безбедноста на Македонија е важна за регионот и пошироко.
„Добриот збор, железни врати отвора. Го очекуваме и сметаме на вашиот добар збор“, истакна министерката.
„Се надеваме дека ситуацијата од 2008 година може да се промени во оваа 2018 година. Работиме на домашните реформи и на решавањето на проблемите кои стојат на патот кон членство во НАТО“, рече Шекеринска.
Шекеринска истакна дека политиката на отворени врати на НАТО е многу важна за Македонија и дека на тоа прашање очекува силна поддршка од Турција.
Претходно, министерката Шекеринска оствари средби и со турскиот премиер, Бинали Јилдирим, и со министерот за одбрана, Нуретин Џаникли.