Ekipa
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
ИСТАНБУЛ / АНТАЛИЈА (АА) - Група студенти на универзитетите во Истанбул и Анталија во Турција се собраа за да пружат поддршка на Палестинката Ахед Тамими, која, кон крајот на минатата година, ја уапсија израелските војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Студентите од Универзитетот во Истанбул се собраа на плоштадот „Бејазит“ и држејќи знамиња и фотографии од девојката, бараа нејзино ослободување.
Демонстрациите се одржани на плоштадот во близина на Универзитетот, а пред Асоцијацијата на студентите и високообразовните установи, се обрати и Фуркан Ѓурбетоглу.
Тој потсети дека Палестинката Ахед, која е позната по својот став и спротивставување на израелските војници, заедно со својата мајка се во притвор од декември 2017 година.
Ѓурбетоглу изјави дека станува збор за 17-годишната тинејџерка која не е виновна за ништо, но и покрај тоа, повеќепати била изведена пред суд.
Додаде дека оваа ситуација укажува на санкциките мерки кои Израел ги применува над невини жени и деца.
„Ние, младите на Универзитетот, ги повикуваме сите да реагираат, за Ахед, чие сослушување е денес, да биде ослободена“, изјави Ѓурбетоглу.
Тамими последен пат била сослушана на 13 февруари.
Слични демонстрации организираа и студентите на Универзитетот „Акдениз“ во Анталија, во соработка со членовите на хуманитарната организација ИХХ.
Претставник на студентите беше Исмаил Абдула Вурал, кој потсети на спротивставувањето на Ахед на „окупаторските сили“, уште кога била многу помлада, и дека поради тоа била уапсена.
Вурал изјави дека кон девојчето се однесуваат лошо и бараше нејзино ослободување, како и пуштање на слобода на сите палестински малолетници кои се наоѓаат во израелските затвори.
Израелските војници ја приведоа Ахед Тамими на 19 декември 2017 година при упад во семејната куќа во Рамала. Нејзината мајка следниот ден отиде до притворот во Рамала за да добие информација за својата ќерка, а потоа и таа беше приведена.
Ахед, која на снимките се гледа како ги удира израелските војници кои насилно влегле во дворот на куќата, е обвинета за напад. На снимката, покрај Ахед е и нејзината роднина Нур Тамими, која, исто така е приведена и одведена во израелски воен затвор.
Пред Судот утре, освен Ахед, ќе бидат изведени и нејзините мајка и роднина.
На Ахед во 2012 година во Истанбул ѝ беше врачена наградата за храброст „Ханзала“, поради спротивставувањето на израелските војници кои го приведуваа нејзиниот брат.