Yasemin Kalyoncuoğlu
21 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турција нема да запре сè додека не ги отстрани сите терористички закани во должина на јужната граница, вклучувајќи го и сирискиот Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати на Собирот, кој во Анкара е организиран по повод кампањата за изградба на позелена Турција, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на шумите.
„Започнуваме нов проект под слоганот „Заедно градиме позелена Турција“. Цел ни е актуелните 28,6 отсто од државната територија која ја покриваат шумите, до 2023 да ја зголемиме на 30 отсто. Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат во кампањата за пошумување на земјата“, порача Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека на идните генерации земјата ќе им биде погодна толку колку што ќе затекнат добра состојба на шумите, водата и околината.
„Грижата за шумите е грижа за татковината, бидејќи земјата без шума е осудена на ерозија и пропаѓање“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на операцијата „Маслинова гранка“, која Турските сили ја спроведуваат со цел неутрализација на терористите во пограничниот сириски појас, Ердоган изјави дека од нејзиниот почеток се неутрализирани вкупно 3.698 терористи и дека се продолжува во согласност со планираното.
Тој соопшти дека Турските воздушни сили гаѓале засолништа и неутрализирале 38 терористи на ПКК во ирачкиот регион Синџар.
„Почнувајќи од Мунбич, Турција тргна и нема да запре сè додека не ги отстрани сите терористички закани, кои демнеат во должина на нашите јужни граници. Постојано повторувам, тргнавме по тој пат, а доколку некој има храброст, нека се спротивстави“, изјави Ердоган.
Потсетувајќи дека Турските сили го ослободиле од терористите центарот на градот Африн, Ердоган изјави дека Турција веднаш презела грижа за училиштата и болниците и дека сака што поскоро да создаде услови за мирен живот на локалното население.
Турскиот претседател, исто така, порача дека од американскиот претседател Доналд Трамп очекува да покаже јасен став и да прекине со збунувачките изјави за политиката кон Турција, кои ги надминаа сите мерки.
„Тие кои зборуваат во име на Трамп, не се ни свесни за тежината на своите зборови“, порача Ердоган.
Тој и денес остро ги критикуваше властите на САД поради вооружувањето на терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија.
„Турската граница со Сирија е долга 911 километри, а со Ирак 350 километри. Прашање е зошто таму се доставува оружје. Бидејќи е од другата страна на Турција, значи дека тоа ќе го употребите против Турција или против Иран. Нема повеќе опции. Во такво нешто не може да се влезе со Русија, бидејќи тоа би ескалирало во Трета светска војна“, изјави Ердоган.